фотографии: МВР

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал денеска донело наредба за истрага против три лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Oд МВР за истиот случај додаваат дека вчера (25 јануари) бил спречен транспорт на марихуана со вкупна тежина од 25,3 килограми, вредна 50.000 евра, при што лишени од слобода се М. А. (63), Д. К. (45) и Ј. К. (82).

Првоосомничениот М. А, во текот на овој месец организирал неовластена набавка и пренесување на дрогата, а потоа го ангажирал второосомничениот Д. К. марихуаната да ја пренесе во куќа што првоосомничениот ја изнајмил во викенд-населбата Голиово во општина Чучер Сандево.

На 24 јануари второосомничениот, по претходни инструкции добиени од М. А., ја презел дрогата спакувана во една вреќа, една патна торба и еден куфер, ја сместил во изнајмено возило и ја однел на договореното место, односно во куќата во Голиово, каде што го чекал првоосомничениот и заедно ја сместиле дрогата во објектот по што заминале.

Во текот на вчерашниот ден (25 јануари) првоосомничениот се вратил во куќата, а по него пристигнале и другите двајца осомничени.

Тројцата влегле кратко време во куќата, а на излегување изнеле две црни вреќи, што ги сместиле во задниот дел на возило со кое управувал второосомничениот Д. К., па заедно со третоосомничениот Ј. К. како совозач се упатиле со возилото кон излезот на Скопје, а првоосомничениот М. А. останал во куќата.

Како што информираат од МВР, М.А. договорил купопродажба на 10 килограми од марихуаната во струмичкото село Василево, па ги ангажирал другите двајца да ја пренесат дрогата до викенд куќа во тоа село.

Набргу на автопатот Скопје – Штип, во близина на местото наречено Преод, околу 11.30 часот, осомничените биле запрени од полицијата и при преглед на возилото пронајдени се дваесет најлонски пакувања со марихуана со вкупна тежина од речиси 10 килограми и една торба со остатоци од марихуана, кои се одземени од второосомничениот, а двете лица се лишени од слобода.

Во меѓувреме, првоосомничениот М. А. од куќата во Голиово изнел едно пластично буре и една патна торба, ги сместил во багажниот простор на возилото со кое управувал, односно со остатокот од дрогата се упатил кон Скопје.

Во главниот град на улицата Јадранска магистрала, околу 14 часот, бил запрен од полицијата и при преглед на возилото биле откриени 30 поголеми полиетиленски пакувања со марихуана, едно помало полиетиленско пакување, заедно со вкупна тежина од над 15 килограми, како и една зипер-кеса со непозната растителна материја, а и две дигитални ваги, што се одземени од првоосомничениот, кој бил лишен од слобода.

Тројцата осомничени во текот на денот ќе бидат изведени пред судија при Основниот кривичен суд – Скопје.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал на судот ќе му предложи на осомничените да им биде изречена мерка притвор.​