Во судницата во „Идризово“, при Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Случајот се наоѓа во доказна постапка, а на денешното рочиште се очекува да продолжи изведувањето на доказите предложени од одбраната.
На претходното рочиште сведочеше вештото лице и технички советник од областа на градежништвото, Петре Русевски, предложен од првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката. Русевски изјави дека закупецот на просторот не презел градежни активности што би можеле да се сметаат за реконструкција на објектот, туку извршил градежно-занаетчиски работи и ентериерно уредување за потребите на дејноста, пренесе МИА.
По оваа изјава реагираа родители на загинатите, кои упатија остри обвинувања кон првообвинетиот. Поради нарушената атмосфера, судот побара дел од родителите да ја напуштат судницата.
Претходно, Јавното обвинителство го заврши изведувањето на своите докази. Во текот на постапката беа изведени 1.390 материјални докази, а беа сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Одбраната, според досегашните најави, предложила 244 сведоци.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што ја прави една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија.
































