Фото: МИА

Дупла условна осуда доби Александар Гочев, поранешниот прв соработник на разрешената директорка Лидија Димова во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Пресудата ја донесе судечкиот судија Фанка Јанчулева-Михаиловска, заедно со Осман Шабани кој беше втор судија во предметот. Јанчулева-Михаиловска посочи дека Гочев ќе треба да одлежи затворска казна од две години ако стори ново кривично дело, но и ако во рок од шест месеци не надомести 15.000 евра во касата на Националната агенција. Пресудата е донесена по признание на вина.

– Одлуката е дупла основна осуда. Условна осуда од 2 години, со тоа што нема да се изврши казната затвор ако во време од 5 години не стори ново кривично дело. Утврдената казна во 2 години ќе се изврши ако во рок од шест месеци не го надомести имотно-правно побарување на НА од 943.757 денари – кажа судијката Јанчулева-Михаиловска.

Обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановиќ за висината на казната остави да одлучува судот. Според неа, правењето на кривични дела како што е измама на штета на средства на европската заедница дава лоша слика пред Европската Унија.

– Обвинителството располага и до судот достави само извод од казнена и кривична евиденција. Со докази кои се однесуваат на личната, семејната и материјалната состојба, освен сознанијата од обвинетиот, обвинителството не располага. Оставам на судот при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната да ги има во предвид сите отежителни и олеснителни околности кои ги изнесе одбраната. Јас сметам дека отежителни околности се степенот на општествената опасност од ова дело, особено ако се имаат во предвид аспирациите на нашата држава за влез во ЕУ. Вршењето на овие дела, не даваат пожелна слика за нашата држава, како идна членка на ЕУ. Она што судот ќе го изрече како казна треба да влијае не само на специјалната туку и на генералната превенција – кажа обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановиќ.

Петре Шилегов, адвокат на Гочев, посочи дека обвинетиот сам признал дека го сторил делото, па потенцираше низа олеснителни околности.

– Како што веќе истакнав, во конкретниот предмет станува збор само за одмерување на казната на обвинетиот. Обвинетиот не крие дека е сторител на кривичното дело. Истото го признава, ја прифаќа штетата. Со оглед дека станува збор за дело за кое може да има ублажување при одредување на казната, а имајќи ја во предвид возраста, семејната состојба, моментите, немањето можност да го повтори делото со оглед дека работи во приватна компанија и нема пристап до средства од ЕУ, сметам дека одмерување на условна казна би била соодветна за сите околности. Штетата ќе ја надоместиме во рок од шест месеци – кажа Шилегов.

Адвокатката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност посочи само дека институцијата си ги бара 15.000 евра назад во каса и се приклучи кон завршниот збор на обвинителката.