Фото: Клиничка болница Битола

Шестгодишно девојче вчера почина во Клиничката болница Битола додека примало инфузија. Директорот на болницата, Александар Обедниковски, за „Макфакс“ вели дека девојчето било во нивната болница само неколку часа.

-Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството – вели директорот Обедниковски.

Според кажувањата на родителите, детето претходните два-три дена примало некаква терапија, но директорот Обедниковски вели дека тие како болница имаат пристап само до мерките што ги презеле специјалистите кај нив во болницата, а за сè друго ќе почекаат да заврши истрагата, која е во тек.