Канабис, кокаин, хероин: Македонија битна раскрсница на мапата на наркошверцерите
Загрижувачки се официјалните податоци за присуството на наркотици од најразличен вид на територијата на нашата земја. Речиси нема ден да не биде објавено во полициските билтени дека се фатени дилери или, пак, лица што кај себе имале поголемо количество опијати. Ако ги погледнеме секојдневните билтени што ги објавува Министерството за внатрешни работи, ќе видиме дека, на пример, на петти декември на територија на Скопје беа уапсени десет лица што беа фатени со дрога од страна на полицијата. Кај сите фатени лица, полицијата пронашла марихуана.
Дека марихуаната е првиот избор на корисниците потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во борбата против нелегалната трговија со дрога, СВР-Скопје за минатата година може да се пофали со заплена од рекордни 215 килограми марихуана, а годинава дури 1,5 килограм кокаин, објави неодамна министерот на својот фејсбук-профил.
МАКЕДОНСКИОТ КАНАБИС НЕ Е КОНКУРЕНТЕН НА СТРАНСКИОТ ПАЗАР ПОРАДИ НИСКИОТ КВАЛИТЕТ
Според Спасовски, земјава е кредибилен фактор во борбата со шверцот на наркотици.
– Државата ја позициониравме како кредибилен фактор во борбата против недозволената трговија со наркотици. Како МВР продолжуваме бескомпромисно да работиме кон искоренување на оваа појава – истакна тој.
Според минатогодишниот извештај на Европскиот центар за дрога и зависности од дрога, нелегалното производство на канабис во земјава не се случува во голем обем, а онаму каде што се случува, тоа е за домашниот пазар. Поради недоволна експертиза на производителите, канабисот е со понизок квалитет и не може да биде конкурентен на надворешните пазари.
– Производството е главно организирано од поединци на мали приватни парцели во напуштени рурални средини или планински терен. Во 2020 година беа пронајдени импровизирани локации за производство во затворен простор за хербален канабис и масло од хашиш во неколку случаи во урбаните средини на Скопје, Штип и Пробиштип. Објектите имаа ограничен капацитет и несофистицирана опрема поставена во соседните простории на куќите во кои живееле сторителите. Производството беше наменето за домашниот пазар – се вели во минатогодишниот извештај.
Синтетичките дроги на локалниот наркопазар во земјава главно се увезуваат
Во 2017 година, во земјава првпат била откриена нелегална модерна лабораторија за производство на синтетички дроги, и тоа амфетамин.
Амфетаминот бил произведен со помош на хемиски вештаци (членови на криминална група од Србија), а дрогата била наменета за Турција.
– Трендот кон производство на синтетички дроги може да се забележи и во земјата и во поширокиот регион. Прекурсорите за производство на амфетамин се набавени од Србија и Бугарија, додека дел од опремата се набавува преку правни лица. И покрај зголеменото производство на хероин на глобално ниво, тој станува сѐ помалку присутен на домашниот пазар на дрога – се вели во извештајот.
Сепак, Македонија останува во срцето на транзитот за шверцување дрога. Поради географската положба во централниот дел на Балканскиот Полуостров, како и тоа што се наоѓа на крстосница на главните коридори – исток/запад и север/југ, Македонија е транзитна област за сите видови дроги.
– Земјите од Западен Балкан се чини дека сега играат поважна улога во трговијата со дрога – потенцираат надлежните во извештајот.
Според истрагите спроведени од МВР, дрогата најчесто се транспортира со автомобили и камиони, а најголемите количества се канабис, кој се увезува од Албанија, а поголемо количество од него дополнително се шверцува во Турција. Хероинот се увезува од Грција и Бугарија, од кој мало количество останува во земјата за локалниот пазар, а најголемиот дел оди во Западна Европа преку Косово. Земји на достава на хероинот се Иран и Турција. Кокаинот се шверцува од Албанија, Грција и Србија за да ги нахрани потребите на локалниот пазар. Најчеста земја на потекло на кокаинот е Колумбија.
Синтетичките дроги се шверцуваат од Бугарија, но земја на потекло е Холандија. Неодамна е забележано зголемување на прекурсорите што пристигнуваат од Бугарија, кои понатаму се тргуваат во ЕУ преку Косово, наведуваат полициските извештаи.
– Во однос на пазарното работење за трансакции на големо за хербален канабис, количеството е 50 килограми или повеќе, додека за амфетамин, хероин и кокаин е од еден килограм, па нагоре. Според информациите собрани од приведени дилери и корисници на дрога, дрогата се меша со други состојки за да се добијат маса и зголемување на профитот, на пример хероинот се меша со парацетамол, додека хероинот и кокаинот се мешаат со креатинин – се наведува во извештајот.
Извештајот е подготвен од страна на Министерството за здравство, во соработка со австриската агенција за изработка на извештаи. Финансиран е од Европската Унија, а обезбедува преглед на највисоко ниво на проблемот со дрогата. Објавен е во ноември 2022 година.
Достапноста и употребата на дрогите сена високо ниво во поголем дел од ЕУ
Според последниот извештај за состојбата со дрогите во Европа што го изработи Европскиот центар за следење на дрогите и зависноста од дроги, се проценува дека достапноста и употребата на дрогите се на високо ниво во поголем дел од Европската Унија. Според нивните процени, околу 83,4 милиони, или 28,9 проценти од возрасните лица (од 15 до 64 години) од Европската Унија користеле илегална дрога во својот живот. Најомилена дрога и понатаму е канабисот, при што 22 милиона возрасни Европејци изјавиле дека консумирале канабис минатата година. Многу помали се бројките за кокаин (9,6 милиони мажи и 4,3 милиони жени) и амфетамини. Употребата на канабисот варира од земја во земја. На пример, четири проценти од возрасните во Малта користеле канабис, додека 45 проценти возрасни во Франција. Младите возрасни, сепак, се најкритичната група корисници. Според минатогодишниот извештај на Европскиот центар за дрога и зависности од дрога, 17,4 милиони млади возрасни, на возраст од 15 до 34 години, користеле дрога, а меѓу нив повеќебројни се мажите.
Во Европа, во 2019 година имало 510 илјади зависници што биле ставени на терапија за одвикнување, а се претпоставува дека како последица на користењето дрога починале 5.141 лице истата година.