Во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, попладнево во гаражите било опожарено едно возило, по што интервенирале од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Пожарот бил локализиран и нема повредени. По увидот на надлежните служби, како што информираат, трговскиот центар продолжил да работи.
Како што информираат од МВР, во 18:45 часот настанал пожар во патничко возило „фолксваген поло” со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.А. (62) од скопското село Кондово.
– Пожарот бил локализиран. Повредени лица нема- се вели во соопштението од МВР.
Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации, како што информираат од трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, биле активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани, а како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица.
Од Пожарна за МИА информираа дека интервенирале со едно возило, по пријава од посетители на молот.
– Завршена е интервенцијата. Станува збор за опожарено едно возило. Службите во „Ист Гејт“ веќе почнале да го гасат. По реакција од посетители, испратено е едно возило со шест пожарникари- информираа за МИА од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
По увидот на надлежните служби, трговскиот центар, како што информираат од „Ист Гејт Мол“, продолжил да работи со редовно работно време до 22 часот.