Фото: Архива

Во текот на вчерашниот ден во Прилеп намерно е опожарен приватниот автомобил на основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство Прилеп Марјана Илиеска, информираат од Јавното обвинителство.

Веднаш по настанот извршен е увид на лице место, обезбедени се траги и докази и се преземаат дејствија за откривање на сторител на кривичното дело.

– Според првичните сознанија, засега непознати сторители насилно влегле во гаражата во која бил паркиран автомобилот, го полеале со запалливо средство и го запалиле, предизвикувајќи материјална штета – се вели во соопштението од ЈОРМ.

Јавното обвинителство на Македонија и Здружението на јавни обвинители го осудија ваквиот напад и обид за заплашување на раководител на основно јавно обвинителство со проширена надлежност.