Во очекување на пресудите за пожарот во тетовската модуларна болница
Граѓани на Тетово, меѓу кои и пациенти на обвинетиот доктор Бобан Вучевски, одново се собраа пред тетовскиот суд. Тие му изразија поддршка и побараа ослободителна пресуда од судијата Јордан Велковски. Собирите пред судот станаа рутина за нив, бидејќи доаѓаа и на секое судење кое го имаше докторот. Според нив, тој им помагал на пациентите, а не е виновен за пожарот.
Тетовскиот суд ќе ја изрече првостепената пресуда за тројцата обвинети за пожарот во модуларната болница која изгоре, а однесе и 14 животи. Судијата Јордан Велковски ќе треба да ги огласи за виновни или да ги ослободи за делата за кои се гонат. Обвинети се поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, раководителот на ковид центарот, докторот Бобан Вучевски и Флорин Бесими, ексдиректорот на болницата во Тетово.
Во Основниот суд во Тетово денес треба да бидат изречени пресудите за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите по што судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти денеска во 12 часот.
Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.