Фото: МИА/Архива

Се одложи уште едно рочиште за „Титаник 2“, предмет за кој обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Одлагањето беше со образложение дека Мијалков не е спроведен од затворот во Струга, кадешто ја издржува затворската казна за „Империја“ по склучената спогодба.

Судот тврди дека била испратена покана за денешното продолжение на судскиот процес „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија, но не знаат зошто обвинетиот Мијалков не бил донесен. Пред осум дена судот добил повратница од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков кој треба да е таму на издржување на тригодишната затворска казна. Но, кога судиите се обратиле зошто не стигнало затворското комбе, од струшкиот затвор одговориле дека немаат добиено наредба.

-Судиите што го водат процесот се јавија во затворот во Струга, од каде им одговорија дека не добиле наредба за спровод на обвинетиот Сашо Мијалков. Но, судиите имаат повратница дека наредбата била примена уште пред осум дена, на 14.12.2022 година – велат од Коалиција „Сите за правично судење“, кои таму беа присутни рано утринава.

Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, за „Фокус“ појаснува дека Кривичниот суд направил техничка грешка и наместо за денес, наредбата за спровод на Сашо Мијалков била за 12 декември, а не за денеска, односно за 22 декември.

-Станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд. Во нашата институција најпрвин примивме наредба за спроведување на осудениот Сашо Мијалков на 28 ноември, за одредено рочиште на 12 декември. По оваа наредба постапивме и го испративме осудениот Мијалков на рочиште. Оваа судско рочиште е одложено и потоа на 14 декември пристигна ново барање од Кривичниот суд за истото лице, но и во ова барање датумот на судското рочиште е истото од преходното барање, значи 12 декември. Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка, затоа во прилог ви ги испраќам и двете писма што ние како институција сме ги примиле. Настојуваме на транспарентност и соработка со сите институции, јавноста и секако медиумите, изјави директорот Ќуља за „Фокус“.

Според обвинението на СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.

Но, во декември 2019 година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.