Обдукцискиот наод на 59 жртви од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ покажува дека смртта кај нив настапила насилно, како последица на труење со јаглероден моноксид, пренесе МИА.
Кај пет жртви е утврдена исто така насилна смрт, но предизвикана од задушување поради притисок врз градниот кош или недостиг на кислород во просторијата. Тројца од починатите кои подоцна биле хоспитализирани, според наодите, починале од акутна белодробна слабост како резултат на интоксикација со јаглероден моноксид, додека кај едно лице смртта настапила од тешки изгореници од трет степен на главата и телото.
Обвинителството во судницата презентираше и писмен одговор од Институтот за судска медицина, во кој се појаснуваат прашања поврзани со смртоносните концентрации на јаглероден моноксид во крвта, брзината на настапување на смртта, разликата меѓу задушување и труење, како и можноста за преживување со навремена кислородна терапија на лице место или во болнички услови.
Во постапката е предложено и сослушување на вешто лице кое треба да даде дополнителни појаснувања на прашања што произлегуваат од обдукциските наоди.
Судот информираше дека дел од сведоците сè уште не се процесуирани во однос на нивната достапност или психофизичка подготвеност, по што беше донесена одлука да продолжи изведувањето на материјалните докази.
Одбраната се спротивстави на читањето на изјави дадени во истрага, тврдејќи дека дел од сведочењата се нецелосни и дека нивното прифаќање може да влијае врз правичноста на постапката.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето се одвива во судницата во КПУ „Идризово“, под водство на судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


































