Архива / Фото: МИА

Полицијата не можела да го спроведе Мухамед Зеќири од куќен притвор, бидејќи кога службениците дошле да го земат, тој ги известил дека е болен, објавува Макфакс. Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска на судењето посочила дека имала повик од командирот од полициската станица Карпош, кој ја известил што се случувало при обидот за спровод. Рочиштето се одложува по 45 дена од првото одржано за овој предмет.

– Со оглед на тоа што имав телефонски повик од командирот на ПС Карпош Владо Симјановски кој го извести дека не можат да постапат по наредбата од судот за спровод на Мухамед Зеќири кој е во куќен притвор поради здравствени причини. И поради здравствени проблеми е повикана Брза помош, а зависно од проблемите ќе биде спроведен и во клиничкиот центар – кажа Фанка Јанчулева-Михаиловска.

Судијката додаде дека ќе го прифати за веродостојно известувањето од полицијата за неможноста да се спроведе Зеќири.

– Инаку ќе постапев поинаку – рече таа пред адвокатите на Зеќири.

Во петокот, Зеќири барал здравствен преглед во една од скопските клиники. Тој му бил дозволен од судот, а бил спроведен со полиција, според информациите на „Макфакс“.

– Со дозвола од судот, мојот клиент заради влошена психичка состојба поради ненадејната смрт на неговиот 41-годишен брат пред само десетина дена, минатиот петок беше полициски спроведен на специјалистички преглед до клиниката за психијатрија каде му беше препишана терапија и изготвен извештај за неговата состојба, поради која тој во моментов не е во можност да го следи судењето – што е предуслов и начело за правично судење и право на секој обвинет. Извештајот уредно и навремено е доставен до судот и надлежниот судија. Од таму полицијата не била информирана за психијатрискиот наод и и било наложено од страна на надлежниот судија, Зеќири сепак да биде спроведен. И покрај тоа што полициските службеници на лице место се уверија во неговата состојба и надлежниот судија беше известен за истото, судијката инсистираше да се реализира спроводот, за потоа по нејзино барање да биде испратена и брза помош во посета на мојот клиент, која исто така констатираше дека поради психичката состојба и терапијата која ја прима, не е во можност да го следи денешното судско рочиште – информира адвокатот на Зеќири, Александар Трајковски, преку соопштение до медиумите.

Следното рочиште е закажано за наредната недела. Тогаш, ќе се испитуваат Киро Костов – вешто лице и сведокот Петко Димитров. По нивното испитување, завршува доказната постапка на обвинителката Катерина Коларевиќ. Во судницата ќе бидат испитани и вработениот во Владата Агим Махмути, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, и директорот на „Пошти“ Јани Макрадули.