Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, што треба да се одржи в сабота и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки, порачаа министрите за внатрешни работи на Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев, денеска од Скопје.

– Ова е во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир. Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев – изјави министерот Спасовски по средбата со бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.

Дека ќе се работи на обезбедувањето мирно и спокојно чествување на Гоце Делчев по средбата потврди и Демерџиев.

– Ги добив сите информации од колегата Спасовски дека се ќе биде обезбедено, дека ќе бидат преземени апсолутно сите мерки за безбедно одвивање на настанот. И јас исто така го уверив дека луѓето коишто ќе дојдат на чествувањето во никој случај нема да дозволам да предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека се ќе биде во најголем ред за одвивање на овој настан и да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огнот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави – изјави Демерџиев по средбата со неговиот македонски колега во Скопје.