Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, каде што учеше Вања Ѓорчевска, останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматските последици од целата ситуација, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

– Министерството е во постојана комуникација со училиштето и предложивме поддршка во делот на ангажирање дополнителен кадар, составен од педагози и психолози, кои ќе им бидат на располагање на учениците во периодот што следи. Во меѓувреме, сите заедно да се заложиме вакви настани да не се повторуваат. Да бидеме подобри луѓе. Одговорноста е заедничка. Почивај во мир, драга Вања – пишува во соопштението.

МОН изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања.

– Невино дете, кое наместо да му се радува на животот, не по своја волја и вина, замина во вечноста, испраќајќи порака дека општеството и граѓаните мора повеќе да ги прифаќаат и да ги шират вистинските вредности за мир, толеранција, почитување и ненасилно однесување. Сочувство, но и јавна благодарност изразуваме до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата – се додава во соопштението


Граѓаните бараат правда за Вања, најавен протест в сабота

Граѓаните преку социјалните мрежи се организираат да излезат на протест, изразувајќи револт по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Протестот, најавен преку фејсбук-групата „Правда за Вања“, предвидено е да се одржи кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје, в сабота од 10 часот.

Групата веќе брои над четири илјади членови.