Ќе биде интересно

Долгоочекуваниот и релативно добро подготвен 30. министерски совет на ОБСЕ деновиве во Скопје, Република Македонија, заврши. Практика е по ваков меганастан да се прават видувања што од сето тоа беше добро изведено од организациски, дипломатски и од политички поглед. Колку што прочитав, колку што видов, а малку видов на ТВ-екраните, и колку што слушнав преку радиостаниците, многу домашни и странски набљудувачи и учесници на министерскиот совет позитивно се изразија за тоа како Македонија организациски ја заврши својата домашна работа. Некои велат можело и подобро, сигурно дека можело, други мислат дека малку беше зборувано за нас, за државата односно требало оваа значајна политичка и дипломатска организација добронамерно да ја употребиме и да ги споменeме вечните неодноси што ни ги нудат нашите соседи, а ОБСЕ, покрај другото, служи за надгледување и почитување на човековите права. Секако дека можело да се разговара и за тоа – во Грција правата на Македонците се доведени на нула, во Бугарија исто така.
ОБСЕ ниту е почетокот на светот уште помалку е крај на светот, во овие три дена ОБСЕ се случи и заврши. Овде и сега не ми личи, ниту сум кадарен да навлезам и да споменам кој што рекол, зошто рекол, кои се причините за таквите изјави, дали бил во право кога се изразил така или погрешил од непознавање на дипломатскиот занает. Во име на вистината, треба да се каже дека и на други важни политички и на други дипломатски собири се случуваат вакви „боцкања“, покоректно би рекол дипломатски предупредувања.
Сепак, како и секогаш и секаде во светот, и оваа организација боледува од свои внатрешни политички несогласувања меѓу членките и уште на самиот почеток на министерскиот совет неколку земји не испратија свои преставници, некои други важни личности дојдоа, но не причекаа да се сретнат и видат со претставници од другата страна на политичкиот табор, нешто што може да се протолкува како големо нетрпение меѓу едни и други, нешто што е спротивно на начелата на ОБСЕ.
Политичките случувања на ОБСЕ во Скопје ќе ги измерува и проценува историјата. Како скромен познавач на оваа материја, мислам дека како организатори не се посрамотивме и пристојно си ја завршивме сопствената организациска и дипломатска работа.
Ова го велам бидејќи за Република Македонија во периодот што ни престои нѐ чекаат и други исто така важни случувања, тие ќе бидат од домашен карактер. За неколку месеци ќе имаме избори, парламентарни и претседателски, официјално изборите се најавени ама не се прецизирани кога и како ќе се случат.
Избори што ќе ги организираме за пет или шест месеци можеби е рано воопшто и да се разговара за нив, но постои една политичка тензија што е присутна во сите слоеви од општественото живеење.

Во образованието таква е состојбата, во земјоделството, во општата администрација исто така, кај нас се случуваат чуда. Никаде во светов пензионерите не демонстрираат, кај нас се случува и тоа.
Кога во едно општество се има собрано големо количество на социјална и политичка тензија, во интерес на државата е да побара решение. Едно од таквите благодатни решенија се привремени или редовни избори. Овие кај нас што ќе се случат за неколку месеци се редовни, можеби затоа имаме право и да ги анализираме и коментираме.
Во сите досегашни изборни циклуси сме имале аномалии од секаков вид. Останува да се запрашаме дали и изборите што следуваат ќе се потрудиме да ги скроиме на соодветно високо административно и политичко ниво или и во овие избори гласовите од гласачите ќе ги купуваме за кило сирење или една торба пиперки. Исто така важно е, а ќе биде и интересно, ако самитот на ОБСЕ го злоупотребиме за партиска промоција, демек со средбата во Скопје голем успех сме направиле, нешто што ќе биде крајно неодговорно и недемократски.
Од избори до избори и ние граѓаните напреднавме, ги научивме сите можни финти и лажни ветувања што ни беа дарувани од едни до други избори. Сега мислам ќе му биде потешко кому било, особено на актуелната власт, да ни зборува за економски напредок и добрососедство со соседите, кога знаеме и сме сведоци дека државата Македонија за време на нивното владеење е претворена во вистинска руина.
Ние граѓаните понудите и ветувањата нема да ги земаме како досега, здраво за готово, како фрли рипче-фати крапче. Не треба да бидеме наивни и повторно да им поверуваме на некои политичари што се обидуваат да се исперат дури и да побараат ново политичко место во идните избори.
Ќе биде интересно кои од првите ветувања ќе ни ги понуди власта? Дали мистичниот договор со Бугарија ќе биде првиот, бидејќи тој означува знак за добрососедство, се разбира според нивното толкување за тоа што значи добрососедство и пријателско разбирање меѓу соседите. За отварање на Уставот и внесување на Бугарите во него, притисоци однадвор се присутни и видливи, но не толку дрско и лажно како за време договорот со Грција, кога во Нивици ни беше променето името на државата. Овој пат и странските дипломати се длабоко покротки и повнимателни, и ним им минува мандатот.

Ќе биде интересно кога власта ќе ни каже кога направила нешто успешно. Знаеме дека доста успешно знаат да подлажуваат. Митска сцена е кога со авиончето доаѓаа од Брисел и нѐ убедуваа дека „добија“ (добивме) датум за преговори со ЕУ!
На овие идни избори верувам дека ќе дојде до израз волјата на граѓаните и за време на гласањето ќе излезат масовно и ќе го стават ливчето со својот глас во избирачката кутија. Не треба да заборавиме дека ние граѓаните само на избори ја одредуваме нашата иднина кога со разум ќе го дадеме нашиот глас и со тоа тој или таа ќе управува со нашата иднина.
Сите велиме дека сме умен народ, некој има кажано дека народот и кога греши, тој е во право. Сигурно дека тоа е голема вистина, но сепак не треба да дозволиме да останеме само со тоа дека сме во право, туку и на овие идни избори да се сплотиме и дефинитивно да се одлепиме од тие што се склони на измами и нереализирани ветувања. Ајде еднаш и ние граѓаните, исто како што посакувавме да го реализираме собирот на ОБСЕ, на ист начин и со ист елан на идните избори да одбереме чесни личности, домаќини и, што е најважно, кои си ги сакаат и почитуваат сопствената држава, историја, јазик и култура.