Фото: МИА/Илустрација

Лажни дојави за бомби упатени се изутрината на електронска пошта на три скопски основни училишта.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека биле направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училиштата во скопско кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.

– Денеска (02.12.2022) околу 07.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на три основни училишта во скопско е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – известуваат од МВР.

Во текот на вчерашниот ден закани за поставена експлозивна направа преку мејл беа уптени и до две основни училишта, „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 и „Кочо Рацин“ во Центар, како и до осум средни училишта во Скопје.

И во Крива Паланка целосно се евакуирани објектите на основно училиште од градот по претходно добиена дојава за бомба.

Од Секторот за внатрешни работи Куманово ја потврдија информацијата.

– Денеска, 2 декември 2022, околу 11 часот во СВР Куманово, полициска станица Крива Паланка, било пријавено дека на електронската адреса на едно основно училиште во Крива Паланка е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот – информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи Куманово, Ивана Младеновска.