Тој е син на стариот мафијашки бос Франческо, Дон Чичио, мафијашки бос од Кастелветрано, историски сојузник на Тото Рина. Беше уапсен во Палермо, на Сицилија, по 30 години поминати во бегство. Во неговото апсење учествуваа стотина полицајци. Осуден е на доживотен затвор за десетина убиства, вклучувајќи го и убиството на 11-годишниот Џузепе ди Матео. Обвинет е и за масакрите од 1992 година, во кои животот го загубија антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино, како и за бомбашките напади во Фиренца, Рим и во Милано

АПЛАУЗИ НА ЈАВНА СЦЕНА ОД ГРАЃАНИТЕ НА ПАЛЕРМО, СИЦИЛИЈА, ЗА АПСЕЊЕТО НА МАФИЈАШКИОТ БОС МАТЕО ДЕНАРО

Најбараниот италијански мафијашки бос Матео Месина Денаро, познат и по прекарот Дијаболик, беше уапсен во специјална акција на италијанските карабинери во Палермо, по 30 години минати во бегство. Шефот на „Коза ностра“ е приведен во приватната клиника „Мадалена“, во која, наводно, се лекувал од тумор најмалку една година, а во неговото апсење учествуваа стотина полицајци. Тој веројатно е и последниот мафијашки кум, иако експертите тврдат дека е погрешно да се мисли дека со неговото ставање зад решетки, конечно, мафијата е поразена.
Денаро со години бил симбол на нефункционалноста на државата да допре до највисоките инстанци на организираниот криминал. Неговото апсење сега дојде како неочекуван знак за надеж дека мафијата може да се искорени и во јужните региони на земјата, во кои се смета дека државата во голема мера е отсутна и неефикасна. Во болницата во Палермо, како што пренесуваат медиумите во Италија, се лекувал под лажен идентитет, како Андреа Бонафеде, но вистинскиот го открил веднаш по апсењето.
По апсењето, Денаро е однесен на тајна локација. Како што е познато, тој е осуден правосилно на доживотен затвор. Се претпоставува дека можеби ќе бара обнова на процесот, можеби и ќе ја добие, но тоа суштински нема да смени ништо. Ќе остане во затвор, под исклучително строг режим, во строга изолација дури и од најблиските. Но се додава дека ќе има соодветна болничка нега. Се шпекулира дека токму затоа и дозволил да го уапсат, за да не мора да се крие како „планинска ѕверка кога е веќе болен, а можеби дури и смртно“.

Страстен љубител на жени, уште пострастен играч на нинтендо

Матео Месина Денаро не им припаѓа на „мафијашките стандарди“ познати од многубројните филмови посветени на мафијата. Напротив, во мафијашките кругови бил познат како страстен љубител на жени и уште пострастен играч на нинтендо, а подготвен бил да го убие секој што ќе му се најде на патот. Го нарекувале Дијаболик, по ликот од популарниот стрип, но и Слабиот, затоа што бил многу слаб.
Роден е на 26 април 1962 година, во Кастелветрано, на Сицилија, во познатата мафијашка фамилија Денаро. Неговиот татко Франческо Месина Денаро, познат како Дон Чичио, беше шеф на мафијата „Трапани“. Во 1998 година, неговиот татко доживува срцев удар, по што Денаро ја наследува функцијата шеф на „кланот“ во Кастелветрано и претставник на областа Трапани во Обласната комисија, позната и како „Купола“, која управувала со „Коза ностра“.
Денаро се смета за еден од новите водачи на „Коза ностра“, улога за која се верува дека ја презел по апсењето на Бернардо Провенцано. Најмоќен, пак, меѓу нив станал по апсењето на Салваторе ло Пиколо. Беше во бегство од 1993 година, по апсењето на тогашниот капо ди тути капи, Салваторе Тото Рина, во екот на терористичките напади на „Коза ностра“ врз италијанските институции и цивили, во кои и самиот учествуваше.
Полицијата трагаше по него уште од 1993 година. Осуден е на доживотен затвор за десетина убиства, вклучувајќи го и убиството на малиот Џузепе ди Матео. Обвинет е и за масакрите од 1992 година во кои животот го загубија антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино, како и за бомбашките напади во Фиренца, Рим и во Милано.

На врв на листата најопасни бегалци заедно со Бин Ладен

Факт е дека 60-годишниот Месина Денаро веќе 30 години бил недостапен за полицијата и дека планирал уште долго да остане така. Впрочем, не случајно „Форбс“ во 2010 година го вброи на листата на најопасни бегалци во светот (пред него во тоа време беше само Осама бин Ладен). Познавачите на сицилијанската мафија го карактеризираат како опасен и крволочен човек, кој е подготвен да го убие секој што ќе му застане на патот. Многумина веруваат дека тој ги знае сите информации и имиња на оние што биле вклучени во најпознатите злосторства на мафијата.
Во мафијашките води влегува уште од најрана возраст. Првото пукање од огнено оружје го направил на своја четиринаесетгодишна возраст, а првото убиство на 18 години, и тоа само за да го казни „безобразието“ на Никола Консалес, сопственик на хотел, кој ѝ се пожалил на својата вработена дека му е преку глава веќе од мафијашите што му доаѓаат во хотелот. Тоа и му била смртната пресуда. Вработената тоа му го пренела на својот љубовник, кој всушност бил Матео, кој без размислување ладнокрвно му го одзел животот.
„Можам да наполнам гробишта од сите што ги имам убиено“ е една од најпознатите негови реченици.
Како шеф на „Коза ностра“, Денаро контролирал рекетирање, илегални депонии, перење пари и шверц на дрога. Според полицијата од Палермо, тој имал контакти и со колумбиските картели за шверц на дрога.
Освен нападите во Фиренца, Милано и во Рим, тој е познат и по убиството на 11-годишниот Џузепе ди Матео, син на Сантино ди Матео, кој се согласил да соработува со полицијата и да сведочи за своите поранешни мафијашки соработници. Според многумина, тоа е најгрозоморниот случај на убиство што некогаш го направила мафијата.
Таткото на момчето бил уапсен поради учество во убиството на судијата Фалконе, па во договор со полицијата, се согласил да биде заштитен сведок, да им каже важни информации за своите соработници од „Коза ностра“. Поради тоа, член од кланот на Денаро, преправен како полицаец, го зел момчето со тврдење дека ќе го однесе кај неговиот татко, кој тогаш бил сместен на тајна локација.
Момчето било киднапирано и мачено 800 дена, по што го задавиле и телото го потопиле во киселина, за да избегнат секакви докази за вмешаност.
На таткото на момчето дури и му праќале видеоснимки од мачењата на неговиот син, за тој да ги повлече сите искази за неговите поранешни соработници.
Мафијашкиот шеф, како што објавија италијанските медиуми, бил омилен меѓу жените, од кои добивал голема помош во изминатите 30 години. Една од нив – Матеа Меси, дури е осудена за помагање, бидејќи го криела во својата куќа додека бил во бегство, пренесува весникот „Месаџеро“. Покрај неа, како негови главни помагачи се споменуваат и Франческа и извесна Андреа од Австрија. Италијанскиот весник додава дека Денаро бил најдолго во врска со Меси, која била уапсена благодарение на пресретнат телефонски разговор и љубовна порака.
Од врската со Франческа Алања ја има ќерката Лоренца, а во медиумите можеа да се пронајдат информации дека Денаро има и син, но освен тоа дека е можеби роден во 2004 година или во 2005 година, речиси не се знае ништо друго.