Обдукцијата потврди дека 48-годишната жена од скопско Таор, чие тело беше пронајдено во близина на селото Летевци, починала од насилна смрт. Под сомнение за убиството е приведен нејзиниот поранешен сопруг, а во рамки на истрагата се задржани уште три лица.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје соопштија дека дежурен јавен обвинител и екипи на Министерството за внатрешни работи ноќеска извршиле увид на тешко пристапен шумски терен во близина на Летевци, каде било пронајдено телото на жената.
Жртвата била пријавена за исчезната во петокот, по што биле преземени активности за нејзино пронаоѓање.
-Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што е потврдено дека смртта е насилна. Под сомнение за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели. Се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот – соопштија од Обвинителството.
Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека е приведен 51-годишниот С.Г. од Таор, поради постоење основи на сомнение дека ја убил 48-годишната Ж.Г.
Според МВР, на 26 јуни С.Г. пријавил во полиција дека жената се оддалечила од домот, а следниот ден пријавил дека ја пронашол почината во близина на селото Летевци.
По извршениот увид, телото, кое било во фаза на распаѓање, било предадено на Институтот за судска медицина за обдукција. Покрај С.Г., во врска со случајот се приведени и З.М. (62), Г.Б. (64) и М.Д. (69).
И Обвинителството и МВР информираат дека во координација се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот.

































