Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишен скопјанец, кој со мотоцикл на улицата „Џон Кенеди“ удри 10-годишно девојче кое го преминувало коловозот на пешачки премин.
Како што стои во соопштението на ОЈО, за лицето постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, кој на 25 април како учесник во сообраќајот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето.
– По десната сообраќајна лента од улицата „Џон Кенеди” управувал моторцикл „Пиаџо Беверли” со скопски регистарски ознаки и тоа без заштитен шлем и без да поседува возачка дозвола од „A” категорија за тој вид на моторцикл. Кога дошол пред влезот на основното училиште „Васил Главинов”, на обележан пешачки премин не обрнал внимание на пешаците кои започнале да чекорат и кои имал обврска да ги пропушти. Со предниот десен дел од моторциклот удрил во телото на оштетеното 10-годишно девојче кое го поминувало коловозот на пешачкиот премин. Од ударот девојчето се здобило со тешка телесна повреда – скршеница – стои во соопштението.
Со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката, од ОЈО наведуваат дека јавниот обвинител предложил да му бидат определени мерки за претпазливост, а судот го прифатил предлогот и ги определил мерките.