Шверцерите смислуваат најразлични инвентивни начини за да ја прошверцуваат дрогата

Во обид да се стекне со незаконски парични средства, криминалниот ум, во овој случај шверцерите, смислува нови и нови инвентивни начини за да ја прошверцува дрогата. Граничната полиција насекаде низ светот се среќава со разни „креативни“ обиди за шверц, почнувајќи од дрога измешана во вар, па до дрога ставена во краставици. Ова не се единствените необични обиди. Наркодилерите одат дотаму што прават лажни моркови, ставаат дрога во крофни, а одамна се користи методот со проголтување мали ќеси со дрога

Најинвентивните начини на шверцување дрога сретнати во полициската практика

Дрогата е еден од најголемите предизвици за откривање на полициските власти, и во делот од нелегалното одгледување или синтетизирање, и во делот од подготовката, како и во делот на илегалната дистрибуција. Но еден од најинтересните делови за борба против шверцувањето дрога, според полициските експерти, е токму нејзиниот транспорт од местото на производството до местото на илегална (секундарна) дистрибуција. Криминалните организации се обидуваат на сите можни начини успешно да ја протнат низ проверките, шверцувајќи ја во работи што на нормален човек никогаш не би му паднале на ум. Иако полициите на земјите се обидуваат да ја запленат дрогата и да им влезат во трага на производителите, обидувајќи се од корен да го пресечат нејзиното произведување и ширење, тие не се најуспешни во своите акции. Покрај тоа што надлежните успешно откриваат многубројни инвентивни начини на шверцување дрога, сепак продавачите и производителите не се откажуваат од обидите за нејзино префрлање од една во друга држава.
Во обидот да заработат, шверцерите смислуваат најразлични инвентивни начини за да ја прошверцуваат дрогата. Граничната полиција насекаде низ светот се среќава со разни обиди за шверц, почнувајќи од дрога измешана во вар, па до дрога ставена во краставици. Ова не се единствените необични обиди. Наркодилерите одат дотаму што прават лажни моркови, ставаат дрога во крофни, па и проголтуваат мали ќеси со дрога.

Шверц во салса-сос

Познатиот мексикански сос, попознат како салса, на дилерите им се видел како одличен начин за шверцување дрога, па во сосот спакувале и кокаин, кој бил наменет за пазарот во Соединетите Американски Држави. Мексиканската полиција успешно запрела и пакети крофни, кои, наместо со шеќер во прав, биле наросени со кокаин.
Властите во Колумбија, на туристичкиот остров Сан Андрес, пронашле килограм кокаин скриен во 12 пакувања со крофни. Властите се среќавале и со торти, кои, наместо да бидат полнети со популарни и вкусни филови за торти, биле полнети со метамфетамини.

Замрзнати ајкули и морска храна

Креативноста на шверцерите на дрога е доста голема. Тие се сетиле да искористат и замрзнати ајкули за да шверцуваат дрога во нив. Ел Чапо, пак, се надевал дека ако пренесува риба преку граница, нејзиниот непријатен мирис ќе ги оттргне полицајците од неа и ќе го загубат интересот за нејзина проверка. Тој ја наполнил рибата со кокаин и се обидел да ја испрати преку граница. Сепак, неговата желба не се исполнила и дрогата што сакал да ја шверцува била запрена на своето патување кога ја откриле на границата.

Полнети чили-пиперки со дрога

Продавачите на дрога успеваат да ги измешаат реалните бизниси со своите црни работи. Па, така, наркобосот Ел Чапо отворил дури и фабрика за конзервирање во Гвадалахара и започнал да произведува полнети чили-пиперки, кои ги полнел со кокаин. Откако ќе ги конзервирал, ги испраќал во продавниците во Калифорнија што биле во сопственост на Мексиканци, всушност негови соработници и препродавачи на дрога. На граница биле запленети 1.400 кутии полни со конзерви со чили-пиперки, кои наместо со стандардната смеса, биле наполнети со стотици килограми кокаин.
Под назнака „моркови“ била запленета пратка марихуана, секоја завиткана во портокалова хартија како морков. Во пратката имало повеќе од еден тон марихуана, вредна половина милион долари. Слична пратка била запленета кога во „морковите“ биле пронајдени 159 пакети метамфетамини.

Дрога и во лубеница

Дрога била пронајдена и во краставици и во банани за готвење. Повеќе од четири илјади краставици и банани биле наполнети со кокаин. Во Аризона, пак, марихуана била најдена спакувана во пластични зелени топчести садови со жолтеникави линии, за да асоцираат на лубеници. Метамфетамини биле најдени во ананас, кој успешно бил исчистен во внатрешноста, а дрогата била сместена во него. Потоа, ананасот бил стручно залепен така што не се забележувало дека бил пресечен.
Дрогата скриена во храна може многу лесно да дојде до корисниците, токму затоа и се проверува речиси секоја пратка што пристигнува од сомнителните земји, за да успеат властите да спречат шверц на дрога. Полицијата во Чикаго, пак, успешно запленила пратка домати што биле со 54 килограми кокаин, со улична вредност од речиси седум милиони долари.

Јужноамерикански наркокартелски специјалитет за Балканот: кокаин-банани