Расте бројката на банкомати што се предмет на кривично дело

Случаите со насилно уништување банкомати не се новитет ниту во нашата земја. Пред два дена, во Топаанско Поле, на улицата Македонско-косовска бригада, вооружени лица со пиштол му се заканиле на обезбедувањето на комплексот „Поинт ритеил парк“, по што поставиле експлозив на четири банкомати лоцирани во деловниот објект. Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот, а од управата на комплексот информираа дека обезбедувањето постапило во согласност со процедурите

Со напреднувањето на технологијата, опасно напреднаа и обидите и начините за реализација на кражбите и разбојништвата од страна на криминалците и криминалните банди. Заклучокот на полициските власти од целиот свет е јасен: порастот на кривичните дела за имотноправна корист, особено на оние што се „полесни за реализација“ е евидентен, токму во периодов во кој сѐ поактуелни се економската криза и големата беспарица со кои се соочуваат многумина. Сега криминалците се сѐ посмели, не се плашат да употребат ниту оружје, а неретко и експлозиви за да дојдат до својата брза и лесна противправна заработка. Во последно време, според криминолозите, за реализацијата на таквите планови на криминалците „најлесни цели се банкоматите“. Ваквите дела, велат експертите, „се чини дека се лесни затоа што нема луѓе за справување со нив, нема полиција, нема тастери за аларм, едноставно, лесно им е да ги напаѓаат, бидејќи од една страна се само криминалците, а банкоматот од друга“. Токму од тие причини расте и бројката на банкомати што се предмет на кривично дело, не само во земјава туку и во светот, за што предупредуваат дури и полициските сили од Европол, бидејќи евидентно е зголемен бројот на експлозивни напади на банкоматите во Европа, а посебно во Германија и во Холандија. Криминалците отишле чекор подалеку, снимајќи упатства (туторијали) за тоа како најлесно да се минира и разнесе банкомат. За жал, и Македонија не е имуна на вакви обиди за грабеж.

ФИЛМСКИ ОБИД ЗА ГРАБЕЖ  ВО МАКЕДОНСКА ПРОДУКЦИА

Пред два дена, во Топаанско Поле, на улицата Македонско-косовска бригада, вооружени лица со пиштол му се заканиле на обезбедувањето на комплексот „Поинт ритеил парк“, по што поставиле експлозив на четири банкомати лоцирани во деловниот објект. Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот, а од управата на комплексот информираа дека обезбедувањето постапило во согласност со процедурите.
На социјалните мрежи беше објавена и видеоснимка, на која јасно се гледа како неколкумина ограбувачи со шипки се обидуваат да ги обијат банкоматите на четири банки, а потоа се гледа огромна експлозија.
За среќа, во инцидентот немало повредени, причинета е само материјална штета. Засега не се соопштува колку пари се украдени од банкоматите. Според надлежните од комплексот, безбедносните камери јасно ги лоцирале ограбувачите и очекуваат брзо решавање на случајот.
Македонската јавност беше шокирана од видеото и дрскиот обид на криминалците среде таква доста фреквентна локација, која е активна и во вечерните часови.
Тамошните жители се во шок. Велат дека вакво нешто досега не доживеале. Од силната експлозија им се треселе прозорците, а детонацијата ги разбудила од спиење.
– Навистина, среде спиење од памет се извадивме, бевме избезумени. Детонацијата беше доста силна, сите се исплашивме. Мислевме дека и кај нас почна војна. Беше морбидно, сепак беше рано наутро, пред кој било од нас да се разбуди за секојдневните обврски – вели жителка што живее во непосредна близина на паркот.

СЀ ПОВЕЌЕ ВАКВИ СЛУЧАИ ВО ЗЕМЈАВА

Горенаведениот случај, за жал, не е единствен во Македонија. Кај нас дури се оди до тој степен што крадците успешно го отстрануваат банкоматот и со возило го носат до непознати локации. Само лани, во земјава беа регистрирани неколку вакви случаи.
На средината на јули, минатата година, четири лица влегоа во маркет во Аеродром и со примена на сила успеаја да го украдат поставениот банкомат.
Во март, пак, во Тетово беше испразнет банкомат, од кој беа одземени 1,3 милион денари.
Во февруари годинава, полицијата уапси лице од Косово затоа што било фатено при обид за извршување кражба од банкомат во Куманово.

ГЕРМАНИЈА ЕЛДОРАДО ЗА НАПАДИТЕ НА БАНКОМАТИ

Германија се години се соочува со разнесување банкомати со експлозив од страна на криминалците.
Само во 2020 година биле регистрирани повеќе од 400 разнесувања на банкомати во земјата, со што 2020 година е рекордер во вакви криминални дела.
Претходно, рекорден број разнесувања имаше во 2018 година, кога беа разнесени 370 банкомати, а во 2019-та биле разнесени 349 банкомати.
Во дури 160 од случаите на разнесување, криминалците успевале да ја постигнат целта и да дојдат до парите во банкоматите и да ги украдат. Во другите случаи криминалците и немале многу среќа, односно не успеале до тој степен да ги оштетат банкоматите за да ги ограбат.
Најголемиот дел разнесени банкомати е во Северна Рајна-Вестфалија, а најактивните криминалци на ова поле се од Холандија, Романија и од Молдавија.

И ЕВРОПОЛ ВО БОРБА СО КРИМИНАЛЦИТЕ БАНКОМАТФИЛИ

Со поддршка на Европол, минатата година, полската полиција успешно уапси две лица што се нарекувале „блек бокс“ и на кои цел им биле банкомати на кои поврзувале електронски уреди и успешно ги празнеле сите финансиски средства од нив.
Двајцата осомничени биле од Белорусија, а биле уапсени лани летото.
Истрагата покажала дека двајцата осомничени извршиле десетици напади на банкомати во најмалку седум европски држави, од каде што украле 230 илјади евра во готово. Криминалците секогаш напаѓале еден модел банкомат, од кој знаеле како да ги извадат парите.
Тие добивале пристап до банкоматите така што правеле дупки во нив или топеле делови за да успеат да ја поврзат машината со лаптоп, кој потоа бил користен за да му испраќа команди на банкоматот за да ги извади сите пари во него. На тој начин успешно ги краделе парите од нив.