Фото: МИА

Четиригодишното дете од Струмица, кое со тешки повреди беше донесено на Детската клиника во Скопје, во моментов е со стабилни витални параметри, на лекување и следење на Одделот за гастроентерохепатологија, потврди за МИА, директорката на Клиниката, Валентина Цвејоска – Чолаковска.

– Во лекувањето се вклучени и колегите од Клиниката за детска хирургија, а конзилијарно е водено со повеќе субспецијалисти од Клиниката – појасни Цвејоска – Чолаковска.

Заради состојбата на девојчето, како што додаде таа, веднаш по приемот биле известени надлежните во Министерството за внатрешни работи, како и социјални служби и јавен обвинител од Струмица, кој повика и судски вештак.

На 17 јануари, од болницата во Струмица, со возило на Итна медицинска помош и во придружба на лекар, на Клиниката за детски болести било донесено четиригодишно женско дете, како што рече Цвејоска – Чолаковска, во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата.

– Беа забележани бројни рани по телото, кои, според изјавата на мајката, биле од напад на куче – додаде директорката на Детската клиника.

Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче, ќе добијат старател по службена должност, односно ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, потврдија од Министерството за труд и социјална политика.
ОД МТСП додаваат дека семејството не е евидентирано во системот, бидејќи имало привремен престој во Струмица и членовите на семејството немале лични документи и не можеле да остваруваат права од социјална и детска заштита.

– Во текот на наредните работни денови случајот ќе продолжи да се следи и ќе се преземат законските мерки за заштита на децата. Предвидено е и работа со мајката со стручен тим за зајакнување на капацитетите во делот на родителството и грижа за децата, а во тој период тие ќе бидат сместени во згрижувачко семејство – велат од министерството.