Фото:ппј.мк/Киро Попов

По налог на бугарскиот премиер Росен Жељазков, авионот Спартан на бугарското воено воздухопловство отпатува за  Македонија. Авионот од Скопје до бугарските болници ќе превезе пет лица тешко повредени во пожарот на забавна локација во градот Кочани. Ова го соопшти владината прес-служба, пренесува БТА.

Во авионот патуваат бугарски медицински тимови, составени од лекари на интензивна нега и специјалисти за изгореници.

Повредените ќе бидат сместени на специјализирани одделенија за изгореници во болниците во Софија и Варна.

Покрај тоа, базата во болниците во Софија, Варна и Благоевград е итно ставена во готовност за да се примат повредени лица доколку има потреба. Бугарските болници се подготвени да примат уште жртви по координација со властите на Република Северна Македонија.

Во Универзитетската ургентна болница, специјализирани тимови се подготвени да пружат помош на сите што се превезуваат. Во НУ Универзитетска болница и медицински центар Пирогов се наоѓа Клиниката за изгореници и пластична и реконструктивна хирургија, чиј дел е Одделот за изгореници кај децата, единствен за Бугарија, велат од болницата.

Претходно шест амбулантни возила со шест екипи тргнаа од Бугарија кон Република Северна Македонија, известија за БТА од Центарот за итна медицинска помош – Софија. Амбулантите се опремени со дополнителни боци со кислород.

Бугарија ја понуди својата помош во форма на третман за повредените во пожарот, соопшти претходно денеска Жељазков.

Во целосна готовност се клиничките бази во Софија, Варна и Пловдив – клиниките за изгореници при Универзитетскиот болнички медицински центар „Н. И. Пирогов“, болницата Варна при ВМА – МЛД, „Св. Ѓорѓи“ – Пловдив, како и бугарското воено воздухопловство кое ќе ги превезува оние на кои им е потребно лекување, посочуваат од Министерството за одбрана.

Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожар во дискотека во Кочани, Македонија, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тошковски соопшти дека во моментов се идентификувани 35 од починатите, од кои 31 од Кочани. Засега нема информации колку луѓе имало во дискотеката во моментот на инцидентот.