Да се направи супервештачење на предметот „Топлик“, бара одбраната на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Ова е доставено до судот, бидејќи, според обвинетиот има противречности помеѓу вештиот наод на Обвинителството и стручното мислење предложено од одбраната.

За дополнување на доказната постапка, Јанакиески предложи и други докази, како и четворица нови сведоци.

Судечкиот судија Осман Шабани за предлозите ќе одлучи во наредните денови, а одлуката ќе ја соопшти на наредното рочиште закажано за единаесет дена.

Со овие докази, Јанакиески и другите обвинети ја докажуваат својата невиност во случајот за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште.

– Сметаме дека неопходно е да се изведе стручно мислење од технички советник, кое е одговор на изведени материјални докази од Обвинителството. Но исто така е и одговор на поднесоците од јавниот обвинител во однос на барањето за произнесување на штета до Владата и Министерство за финансии и нивните одговори. Во ова мислење споредено со претходните, земени се во предвид и сите забелешки на јавниот обвинител, но има и нови аспекти. За првпат се пресметува колку е заштедено во однос на плаќањето камати кои биле барани, во однос на шетата, кои не се исплатени – образложи Јанакиески.

Предложено е и правно мислење од професорот Никола Тупанчевски од правниот факултет „Јустнинијан Први“, кое е изработено за овој настан. Јанакиески побара и сослушување на поранешниот член на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, како и на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.

– На пример, потребата за сослушување на сведокот Сашо Срцев произлегува од исказот на сведокот Емилија Путилин. Сите обвинети во нивните искази го посочија Срцев како учесник во дејствијата на овој кривично-правен настан. Владимир Пешевски го предлагаме поради новите околности кои се јавија во текот на постапката и тоа од исказ на сведок, кој елаборираше за активностите на Пешевски. Исто така, Пешевски беше дел од материјалниот доказ стенограмски белешки од седница на Влада. Шпреса Битаху, сметаме дека е еден од клучните сведоци кои треба да се сослушаат. Последниот сведок е Ацо Костадиновски, кој во критичниот период бил раководител на Сектор за финансии, а поврзано со материјалниот доказ доставен во листа на докази – додаде Јанакиески.

Следното рочиште е закажано за 20 декември.