Судијата Горан Бошевски во предметот „Траекторија“, по паузата, ги отфрли барањата за изземање на Катица Јанева и на Лиле Стефанова. Во образложението наведе дека и двете се легитимни правни застапници на СЈО, а освен тоа, Јанева се уште не е разрешена. На следното рочиште треба да биде сослушан предложениот вештак од СЈО.

Во предметот „Траекторија“, кој е во доказна постапка и треба да бидат сослушани вештаци, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија, со кои, во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Со противправното дејствување на обвинетите, кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од над 155 милиони евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што државата му ја плаќа на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.