Судијката Добрила Кацарска попладнево повторно го осуди на казна затвор од 9 години поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, откако лани во декември скопска Апелација ѝ го укина предметот.

Поповски е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување и го оштетил буџетот за над 450 илјади евра. Во затворот му се засметува и времето поминато во притвор.

Кацарска лани во мај го осуди Поповски на казна затвор од 9 години за набавката на 300 полициски возила. Тој го доделил тендерот на фирми чии понуди не биле економски најповолни.

-Со тоа е нанесена штета на МВР од огромни размери. Обвинетиот не можел, а да не знае кои се најповолни понуди и покрај тоа ги повластил економските оператори – образложи Кацарска.

Судијката цитираше и извадоци од бомбите, кадешто ексминистерката Гордана Јанкулоска кажува дека направиле „финта“ за да бидат сите задоволни.

Поповски има право на жалба до Апелациониот суд. Тој е осуден и за предметот „Тенк“ со набавката на „мерцедесот“.