Поранешен градоначалник и поранешен претседател на Советот на Општина Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба. Според велешкото Обвинителство, ексградоначалникот на тогашниот претседател на Советот му овозможил да користи две службени возила за приватни цели, со што ѝ предизвикал финансиска штета на Општината.
Според сознанијата на ОЈО, првиот обвинет, како градоначалник на општината, со искористување на својата службена положба и овластувањето за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.2.2014 година до 9.8.2016 година во повеќе наврати да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Вториот обвинет, пак, како претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластувањето за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари за кои била извршена исплата од сметката на оштетената Општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот.