Скопското обвинителство покрена обвинение против едно лице во врска со случајот со кокаинот, кој беше откриен во пакети со банани.
Тој се товари дека на 19 февруари во селото Крушопек, општина Сарај, неовластено заради продажба држел кокаин со тежина од 1001 грам.
Дрогата беше откриена при извршен претрес на товарно моторно возило, во пакетите со банани кои биле превезувани за правното лице – сопственост на обвинетиот. Кокаинот бил спакуван во едно пакување во правоаголна форма, со две полиетиленски безбојни обвивки на кои имало ознаки и втиснато лого – глава на јарец.
Станува збор за претходно оформен кривичен предмет во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за нелегална меѓународна трговија со наркотична дрога – кокаин, каде постапката се водеше против две лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Откако кривичната постапка беше запрена против едниот осомничен, списите од овој предмет за вториот осомничен беа доставени на понатамошно надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје.