Фото: Игор Бансколиев

Во Европската Унија обемот на трговијата на мало во јуни 2020 година се вратил на нивоата забележани во февруари 2020 година, односно пред почетокот на мерките за ограничување на пандемијата, регистрирал „Евростат“. Во Македонија, Државниот завод за статистика пресметал дека во текот на јуни обемот на трговија на мало во споредба со истиот период минатата година има намалување во повеќе групи

Пораст на потрошувачката во малопродажбата бележат земјите-членки на Европската Унија. Според податоците што ги објави „Евростат“, во текот на мај и јуни е забележан раст на трговијата на мало, а во согласност со написите на овој статистички центар, потрошувачката во јуни го достигнува нивото од пред почетокот на пандемијата.
Како што се наведува во соопштението на „Евростат“, во јуни 2020 година, еден месец откако почна олабавувањето на мерките за ограничување наметнати поради ширењето на пандемијата на ковид-19, сезонски приспособениот обем на трговијата на мало се зголемил за 5,7 проценти во еврозоната и за 5,2 отсто во Европската Унија (ЕУ) во споредба со мај 2020 година. Од „Евростат“ посочуваат дека во мај 2020 година, обемот на трговијата на мало се зголемил за 20,3 проценти во еврозоната и за 18,3 отсто во ЕУ во споредба со април.
– Со растот на трговијата на мало во мај и јуни, во текот на јуни овој сегмент се врати на исто ниво како во февруари 2020 година, односно пред почетокот на мерките за ограничување за сузбивање на ширењето на ковид-19. Во јуни 2020 година, споредено со јуни 2019 година, индексот за приспособени продажби се зголемил за 1,3 отсто и во еврозоната и во ЕУ – се наведува во соопштението на „Евростат“.
Во Македонија, пак, во согласност со домашните статистички податоци, во текот на јуни се забележува намалување на обемот на трговија на мало во споредба со истиот период минатата година.

– Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија кај трговијата на мало, во јуни 2020 година во споредба со истиот месец во 2019 година, гледано по групи и класи, намалување на прометот е забележано во групите трговија на мало со храна, пијалаци и тутун за 7,4 отсто, кај трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво, за 3,5 проценти, кај трговија на мало, освен трговија со горива, за 5,4 отсто и кај трговија на мало со автомобилски горива 31,4 процент – се наведува во соопштението на ДЗС.
Домашните трговци имаат различни ставови за заживувањето на економијата, поточно на потрошувачката. Додека едни велат дека во летните месеци се забележуваат поголемо раздвижување и поголема побарувачка, други посочуваат дека интересот е незначително подобрен во споредба со периодот кога важеа рестриктивните мерки за сузбивање на вирусот.

– Прометот глобално ни е сличен како и претходната година во летните месеци. Генерално, кај нас, со оглед дека нудиме продукти за домаќинство, производи што се потрошен материјал и кои почесто се менуваат, побарувачката се одржа речиси во целиот период откако беше утврден првиот случај со коронавирус во земјава на слично ниво како и претходно. Се забележува дека последниве два месеца, откако се зголеми бројот на заразени, нема многу посетители. Имаме помалку посети, но прометот е ист, бидејќи порано имаше и повеќе муштерии што сакаат да видат, да се распрашаат, а сега повеќето доаѓаат со конкретно барање и прават промет – вели Катерина Д., продавачка во маркет за продукти за домаќинства во Скопје.
Од друга страна, продавачки во соседни дуќани за облека посочуваат дека прометот е многу мал, но и дека посетите на дуќанот се исто така значително редуцирани.
– Многу малку имаме потрошувачи, има денови кога никој не влегува во продавницата. Во првите месеци кога се појави вирусот, дуќанот беше затворен, но од отворањето пред некој месец, интересот е многу мал, дури стравувам дека ќе мора да го затворам целосно ако не се подобрат состојбите – вели една сопственичка на дуќан за гардероба за деца и возрасни.
Во согласност со податоците што ги објавува „Евростат“, во еврозоната во јуни 2020 година во однос на мај 2020 година обемот на мало се зголеми за 20,4 проценти кај автомобилските горива и за 12,1 отсто за непрехранбените производи, додека кај храната, пијалаците и тутунот се намалил за 2,7 проценти. Во ЕУ, обемот на трговијата на мало се зголеми за 16,9 отсто кај автомобилските горива и за 10,6 проценти за непрехранбените производи, додека кај храната, пијалаците и тутунот се намали за 2,2 отсто.

– Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, најголем пораст има во вкупниот обем на трговијата на мало регистриран во Ирска, каде што е забележан раст од 21,9 проценти, потоа во Шпанија со 16,5 отсто и во Италија со раст од 13,8 проценти. Намалувања се забележани во Австрија од 2,5 проценти и во Германија 1,6 отсто – посочуваат од „Евростат“.
Сепак, овој статистички сервис истакнува дека во еврозоната во јуни 2020 година, во споредба со истиот месец во 2019 година, обемот на трговијата на мало се зголемил за 3,9 проценти кај непрехранбените производи, додека пак раст од 1,2 отсто бил регистриран и кај групата храна, пијалаци и тутун. Единствено кај секторот автомобилско гориво е регистриран пад од 13,6 проценти. Слична е состојбата и во Унијата, каде што пак обемот на трговијата на мало се зголеми за 4,2 отсто кај непрехранбените производи и за 0,7 проценти кај храната, пијалаците и тутунот, додека кај автомобилското гориво се намали за 12,7 отсто.

– Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, најголем годишен пораст на вкупниот обем на трговијата на мало е регистриран во Ирска, со раст од 10,2 проценти, потоа во Естонија, каде што растот достигнал 6,6 отсто, и во Данска слично со 6,5 проценти раст. Од друга страна, најголем пад е забележан во Бугарија од 18,1 отсто, во Малта од 8,4 проценти и во Луксембург од 7,7 отсто – се наведува во соопштението на „Евростат“.