Фото: Царина

Царинските службеници заплениле 135 килограми режан тутун и 30 литри алкохол при контрола на тезги на зелениот пазар во Чаир. Со продажбата на овие акцизни производи било избегнато плаќање акциза во вкупен износ од 337.558 денари, информираат од Царинската управа.

Акцијата ја спровеле службеници од Царинарница Скопје, заедно со мобилни тимови од Одделението за оперативни работи. При контролата биле затекнати три лица кои продавале акцизни производи без акцизни маркички и без претходно платена акциза.

Против две лица се поднесени прекршочни пријави, додека против третото, кај кое е утврдено избегнување плаќање акциза во износ од 257.000 денари, ќе биде поднесена кривична пријава согласно Кривичниот законик.

Од Царинската управа наведуваат дека контролите на домашниот пазар се дел од засилените активности за откривање и спречување на нелегалната трговија со тутун, тутунски производи и други акцизни стоки.

По неодамнешното сузбивање на меѓународна група осомничена за организирана нелегална трговија со цигари, од Царината најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли. Целта е да се спречи незаконската продажба на акцизни производи и да се сузбие избегнувањето на законските давачки.