Дури десет проценти од давењата на децата се случиле во детските шарени базени, кои на возрасните им изгледаат комплетно безбедно. Просечната длабочина во која децата се удавиле била околу четириесет сантиметри, но голем број давења кај дечињата се случиле и во длабочина од само пет сантиметри вода
Предупредувања од американски експерти
Годинашново лето 2020 година тешко може да се опише како нормално, најмногу поради ковид-19, но и поради други негативни причини што ги предизвикаа ширењето на вирусот и пандемијата. Границите на голем број држави се затворени, а во нив сѐ уште не се отворени градинките, дневните детски центри, па дури ниту училиштата нема да почнат со работа во нормалните рокови. Семејствата функционираат во вонредни услови. Родителите се растргнати меѓу проафесионалните и семејните обврски и не знаат со што попрво да се зафатат, на што да посветат поголемо внимание.
Дополнително, многу богати семејства ги откажаа годишните одмори и наместо тоа, одлучија да вложат во базени што ќе ги користат во домашни услови за да се разладат од летните горештини, притоа не размислувајќи за сериозните опасности што демнат токму од ваквите објекти за рекреација што ги користат и децата. Во некои случаи не помалку опасни се и детските базени што се на надувување и се користат во дворовите.
Според актуелната статистика во Соединетите Американски Држави, меѓу причините за сериозни трауматски повреди и за смрт во лето кај децата од една до четири години се вбројува давењето во домашните базени, независно дали станува збор за базен на надувување или, пак, за оние стандардните базени, изградени во земја. Базените се втора водечка причина за смртност и кај деца од пет до девет години.
Не само што базените се најчестата локација каде што се пронајдени телата на мртвите деца до петгодишна возраст туку дури 69 проценти од времето кога тие се настрадани во базените е период од денот кога тие воопшто не ни требало да бидат таму.
Само во 2018 година, 6.400 дечиња до 15-годишна возраст завршиле со сериозни повреди од паѓањето во базените. Оваа година, бидејќи нема заминување на одмор, нема градинки и нема дневни центри, експертите се загрижени оти родителите нема да го зголемат вниманието кон децата особено кога се базените во прашање. Само до средината на мај, во Флорида и во Тексас значително се зголемил бројот на удавени дечиња во базени.
Експертите предупредуваат дека физичкото присуство или само слушањето на гласовите на децата не е доволно кога се базените во прашање. Според Вилијам Рамос, член на Научниот совет за надзор на американскиот Црвен крст, децата по петгодишна возраст мора да се на дофат на рака. За оние, пак, до десетгодишна возраст, родителите мора да се на метро од нив за да можат веднаш да реагираат доколку се случи паѓање на детето во водата.
Сепак, најдобра заштита, според експертите, е ограда околу базените, која ќе биде доволно висока за да не може детето да се прекачи и да заврши во водата.
– Сигурно мислите дека базенот е безбеден затоа што е детски и има само неколку сантиметри вода. Но тоа воопшто не е така, особено за помалите дечиња, кои доколку паднат со лицето во водата, ќе имаат проблем да станат поради рамнотежата што сѐ уште ја изучуваат и не се толку моќни за да реагираат брзо – вели докторот Адам Катмарачи, извршен директор на Националниот центар за превенција од давење. Тој препорачува ваквите базени секогаш да се празнат по користењето, за да не можат децата сами да влезат во водата иако нејзиното количество е мало.
Децата најчесто се дават поради тоа што не се свесни за опасноста што ги демне. За нив водата е забава, место каде што можат да играат и да се забавуваат. Дури десет проценти од давењата на децата се случиле во детските шарени базени, кои на возрасните им изгледаат комплетно безбедно. Просечната длабочина во која децата се удавиле била околу четириесет сантиметри, но голем број давења кај дечињата се случиле и во длабочина од само пет сантиметри вода.
– Најголемиот мит за давењето е дека е бучно и дека сигурно ќе слушнете, но тоа воопшто не е така. Вообичаено, давењето е тивко и не можете да претпоставите дека се случува во моментот. Ги советувам родителите ако поради која било причина не можат да си го најдат детето, прво да проверат во и околу базените, во тоалетите и во кои било поголеми садови со вода, бидејќи воопшто не е страшно доколку детето се крие во гардеробер, тогаш не е прашање за живот или смрт. Но доколку е со лицето кон дното на базенот, во тој случај во прашање се секунди – истакна д-р Катмарачи.
daniela,[email protected]