Во координација со Јавниот обвинител на Македонија, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје донел одлука за формирање на посебно одделение за сериозен и сложен криминал кое ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, финансиски истраги, сложени предмети и предмети од исклучителен интерес на јавноста.
Со одделението, како што информираат од Обвинителството, ќе раководи јавниот обвинител Владимир Милошески, заедно со седум искусни јавни обвинители од скопското обвинителство.
Потребата за оваа организациска промена, според ОЈО, произлегува од зголемениот прилив на сложени криминални предмети во текот на 2024 година кои произлегуваат од неколку индикатори помеѓу кои ги наведуваат измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 и измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што, според нив, бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги.
– При тековното предметно работење и следење на состојбите по однос на криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено поврзани со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје. Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела. Имајќи предвид дека сторителите сè почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал – образложуваат од ОЈО.
Одделението, како што дополнуваат, со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.
– Крајната цел на новоформираното одделение е адекватна кривично – правна заштита на граѓаните и ефикасен институционален одговор на сложените облици на кривични дела – велат од Обвинителството.