Фото: Принтскрин

Поранешниот бугарски премиер и актуелен уставен судија, Филип Димитров за отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија смета дека решение постои ако барем едната страна дава позитивни сигнали.

-Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме ако не разговараме како рамноправни, и без вршење притисок… Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: „Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!“ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд – вели во интервју за БГНЕС Димитров кој ја извршуваше премиерската функција меѓу 1991 и 1992 година.

Според него, историјата е многу важна, но разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.

-Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени… Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка – вели Димитров.

Надежите дека во декември земјата ќе добие датум за преговори се урнаа откако Бугарија соопшти дека нема намера да ја промени својата позиција. Новата бугарска влада кога стапи на функција предложи рок од шест месеци за да се најде решение за спорот.