Фото: Игор Бансколиев

Плановите што со нетрпение ги чекаме треба да обединуваат, а не да разединуваат

Македонскиот народ никогаш досега во овие три децении не е толку длабоко понижен, поделен и спротивставен, така што е потребна уште една иницијална каписла со која целосно би се разбило македонското етничко ткиво и така тоа би било полесно подложно на асимилаторските процеси, за кои веќе е поставена логистика во земјава и кои веќе се одвиваат, колку и да не сака некој да ги види. Ако ништо друго, летаргијата и апатијата меѓу Македонците само ќе го олеснат обезличувањето што започна со промената на името на државата

Лицитирањето со функции, поставувањето услови, обелоденувањето и на постоењето на фамозен план Б говорат дека процесот на уставни измени не само што влегол во ќор-сокак туку и не се наѕира никаква излезна перспектива, имајќи ги предвид изјавите што можат да се слушнат деновиве од главните политички фактори на македонската политичка сцена.

Општиот впечаток што се добива во јавноста е дека работата е дотолку заплеткана, што во недостиг од политичка мудрост и визионерство кај оние што ги водат политичките процеси во земјава, едноставно е невозможно да се најде разумно решение што ќе овозможи излез од политичката „пат-позиција“, во која е доведена државата само поради неразбирливата желба на оние што управуваат беспоговорно да ѝ се удоволува на меѓународната заедница, дури и тогаш кога барањата се чинат крајно неразумни и спротивни на сè што значи европски практики и критериуми.

Очигледно странците го загубија трпението и сами почнуваат да преземаат одредени активности по истиот патерн како пред потпишувањето на Преспанската спогодба, вршејќи директен притисок да се направат уставните измени. Катадневно во посета на земјава е некој странски лидер со идентични пораки, дека промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во највисокиот правен акт се круцијални за македонскиот европски пат, во спротивно потсетуваат дека Македонија би можела да биде изолирана и да остане надвор од целата европска приказна.

Затоа деновиве министерот за надворешни работи Бујар Османи јасно порача дека ако за кратко време не биде обезбедено потребното мнозинство за изгласување на уставните измени, постоел и план Б, кој би се реализирал до крајот на оваа година, без да открива детали што предвидува тој план. Но потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, открива дека планот Б всушност предвидува да се разговара со секој пратеник поединечно и да му се објасни „кои ќе бидат придобивките за Македонија ако се направат уставните измени“.

Најавите за активирање на планот Б носат многу посериозни ризици отколку неизгласувањето на уставните измени

Македонската јавност многу добро знае што значеше тоа „пријателско убедување“ односно план Б пред неколку години, кога требаше да се изгласаат уставните амандмани што произлегоа од потпишувањето на Преспанската спогодба, што и ден-денес остава вкус на горчина и револт во македонското етничко ткиво.
Токму затоа пораките што ги упатуваат интелектуалците, граѓаните, невладиниот сектор и сите општествени чинители се дека не смее да се случат нов притисок и уцени врз пратениците да поддржат нешто за што не се согласуваат, бидејќи последиците од евентуално повторување на настаните од пред некоја година ќе бидат погубни за македонскиот народ.

Имено, македонскиот народ никогаш досега во овие три децении не е толку длабоко понижен, поделен и спротивставен, така што е потребна уште една иницијална каписла со која целосно би се разбило македонското етничко ткиво и така тоа би било полесно подложно на асимилаторските процеси, за кои веќе е поставена логистика во земјава и кои веќе се одвиваат, колку и да не сака некој да ги види. Ако ништо друго, летаргијата и апатијата меѓу Македонците само ќе го олеснат обезличувањето што започна со промената на името на државата.

Социологот Илија Ацевски низ една стручна призма анализира какви би биле последиците по македонскиот народ ако евентуално се направи обид повторно насила да се протуркаат уставни измени.
– Начинот на кој беа обезбедени осум пратеници кога се гласаа уставните измени пред некоја година дополнително ги подели Македонците во земјава. Таа длабока поделеност во македонското етничко ткиво е толку голема, што многу тешко е да се најде некаков сврзувачки елемент. Ако сега се случи истото тоа, односно разговорите со пратениците се претворат во уцени, притисоци и закани, тогаш се плашам дека ќе се раскине и најмалата нишка на поврзување меѓу Македонците и се плашам дека никогаш повеќе нема да се воспостави, што би било поразително за еден народ – смета Ацевски.

Според него, по Преспанската спогодба настапи многу разочарувачка состојба на македонскиот ум, кој повеќе не гледа перспектива во двете најголеми македонски политички субјекти во земјава, кои се јасно профилирани и кои немаат никаква точка на поврзување.
– Останува уште една голема дилема, дали постои некаква сврзувачка компонента во македонската етничка сфера. Тука ние како Македонци не можеме да препознаеме нешто што нема меѓу себе да го дискутираме, нема да го доведуваме во прашање, туку тоа едноставно ќе се подразбира. Такво нешто има кај Албанците. Тие можат да се делат по разни прашања, да се расправаат, но околу албанската кауза сите се обединети и нема никакви отстапки – потенцира Ацевски.

Тој смета дека сето ова што се случува, меѓусебните внатрешни пресметки и необединувањето околу клучните идентитетски прашања, е резултат на тоа што Македонците последни добија држава за разлика од сите околу.
– Ние сега се пресметуваме со самите себе. Доцна добивме држава за разлика од сите околу нас. Ако дојде до такво нешто, притисоци и уцени за гласање на новите уставни измени, односно каква било нова отстапка на сметка на македонскиот идентитет, сметам дека работите би можеле да отидат во непосакувана насока. Далеку понеопасно е да не поминат уставните измени, односно да се отвори широк општествен дијалог, отколку да се случат по насилен пат, како што беше претходниот случај од пред некоја година. Ние ќе се доведеме во една, не би рекол антрополошка, туку психолошка состојба, дека некој така едноставно ни одзема нешто на таков насилен начин. Ние го немаме сврзувачкото ткиво како сите други, конфликтот е многу продлабочен и ако се случи „Преспа 2“, тоа ќе биде поразително. Никогаш повеќе нема да има помирување во македонското етничко ткиво. Дојден е тој момент во нашата поблиска историја кога нема да има враќање назад. Дури и во ваква ситуација има поединци што вешто ја користат целата таа атмосфера. Затоа сметам дека е потребна еден вид катарза, мора да се дојде до некаква разврска ако поделбите меѓу Македонците продолжат да се зголемуваат. Ние сме дојдени во таа фаза и не смееме да дозволиме понатамошно внатрешно разјадување меѓу Македонците, туку конечно обединување ако сакаме да опстоиме како народ – заклучува Ацевски.