Бактерија ешерихија коли била најдена во дишните патишта кај бебето од Прилеп, кое почина на Детската клиника во Скопје. Лекарите ја откриле бактеријата при прегледот за време на приемот во Скопје, изјави за „Макфакс“ директорката на Клиниката, Стојка Нацева-Фуштиќ.
Таа потврди дека бебето ги имало двата најголеми индикатора на сепса за што вели дека не може ниту да се претпостави каков замав ќе земе. Бебето од Прилеп било примено на Детската клиника на 5 ноември во лоша состојба, млитаво, со нарушена свест и со повремени прекини во дишењето.
Пред да стигне на Детската клиника во Скопје бебето три дена било во болницата во Прилеп. Мајката на социјалните мрежи сподели сомневања во лекарите за кои вели дека првин почнале да ја подготвуваат да си замине дома по породувањето, заедно со бебето, но за кусо време ѝ кажале дека мора да ги задржат дополнително со објаснување дека бебето има жолтица. Таа вели дека ѝ кажале дека родила здраво бебе, кое во првата минута од животот ги добило највисоките оценки, АПГАР 10, и никој не ја известил за некаков проблем, па прашува што се случило за таа дома да си замине со празни раце.
Директорката Нацева-Фуштиќ нема сомневања дека се работи за рана неонатална сепса предизвикана при породувањето.
– Индикаторите за сепса ние ги откривме уште третиот ден по раѓањето кога бебето беше донесено кај нас. Такви инфекции се појавуваат за време на породувањето кога бебето минува низ родилните патишта или, пак, при предвремено пукање на воденикот. Во случаи кога инфекцијата е пренесена од персоналот, индикаторите за сепса се јавуваат подоцна, на седмиот ден, и ова е податок што секој педијатар го знае, но секако во болницата во Прилеп веќе се прават анализи – вели директорката Нацева-Фуштиќ.
Бактеријата Ешерихија коли ја предизвикала сепсата кај новороденчето од Прилеп, потврди за МИА доктор Аспазија Софијанова, шефа на неонаталната интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје, каде што почина бебето.
Таа посочи дека бебето било донесено од Прилеп на Детската клиника во Скопје во тешка состојба со откажување на бубрезите и на белите дробови.
– Се работи за новороденче во извонредно тешка состојба, со откажани бубрези, и во една многу лоша пребоеност на кожа и тешко дишење, тоа укажува дека страда. Прво го ставиме на неинвазивна вентилација и на ренген се виде дека има белодробно замачкување што во превод значи некој вид на инфекција. Детето било со инфекција од претходните четири дена или од мајката при раѓање или во текот на првите четири дена – појаснува Софијанова.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес извести дека ќе изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница.