Два пожари за само четири дена сe регистрирани на градските гробишта во Штип. Од штипското комунално претпријатие „Исар“ апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да внимаваат со цел да не се подметне пожар од мало невнимание и со тоа да се отежни работата на пожарникарите, но и да се создадат материјални штети.
– На дневни темепратури над 40 степени, во ситуација кога неколку дена по ред гори на планината Серта во штипско и неготинско, и пристигнување помош од соседните земји, помалку од потребно е нов пожар од човечко невнимание – стои во соопштението од штипското комунално претпријатие „Исар“.
Во него се вели дека претпладнево екипи на ЈП „Исар“ заедно со пожарникарите од ТППЕ Штип гаселе пожар на гробиштата.
– ЈП „ИСАР“ апелира до граѓаните кои во овие моменти одат на гробишта да бидат крајно одговорни и внимателни и да не оставаат лесно запаливи материи. Ова значи да не оставаат отпушоци од цигари по тревата, доколку палат свеќи да ги остават да горат во нивно присуство и да не ги фрлаат по тревата. Ова е со цел да им ја олесниме работата на пожарникарите кои макторпно и дење и ноќе работат на терен – дополнуваат оттаму.
Апел упати и ТППЕ Штип, од каде велат дека пожарите во државата се од големи размери и доста опасни.
– Да не се повторува сликата од претходните години, да бидеме внимателни и одговорни – советуваат од штипската Противпожарна единица.