Пратениците на Демократската унија за интеграција нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потврдија за МИА извори од партијата.
Оваа одлука на ДУИ доаѓа откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер и во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во изјава за медиумите рече местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
-Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат, рече Ковачевски.