ФОТО: Зоран Антоски

И оваа година  во Македонски Брод  од страна на свештенството беше извршен чинот на полагање на светиот крст во водите на река Треска, а по трет пат најспретен и најсреќен беше Симон Божиноски, кој досега во шест наврати скокал по крстот. Пред полагањето на светиот крст во водите на Треска, беше извршен чинот на осветување со голем Богојавленски Водосвет а потоа дваесетина млади верници влегоа во осветените води на надојдената река за да го извадат светиот крст.

-Ова е мое шесто влегување во водите на Треска за да го фатам светиот крст а по трет пат тоа ми појде од рака. Можам и морам да бидам задоволен и очекувам и оваа година за мене да биде среќна и бериќетна,  како што тоа беше случај и во претходните два наврати кога светиот крст јас го извадив од водите на река Треска-истакна Симон, кој од страна на аптеки Зегин доби вредносен ваучер во износ од 14 000 денари.

Чинот на предавањето на ваучерот го изврши градоначалникот на општина Македонски Брод, Жарко Ристески и свештеникот кој ги освети водите на Треска, отец Саше Костадиноски.