Царинската управа поднесе кривична пријава против лекар и медицинска сестра поради обид за криумчарење на 199 вијали ботокс, чија вредност се проценува на околу 615.000 денари.
Според информациите од Царинската управа, против осомничените до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава за кривичните дела криумчарење и царинска измама.
Случајот бил откриен при детална контрола на поштенска пратка пријавена за увозно царинење. Во приложената документација стоката била декларирана како 10 козметички примероци со вкупна вредност од 80 американски долари.
Меѓутоа, при отворањето на пратката, царинските службеници пронашле 199 вијали ботокс, производ што се користи во естетската медицина и кој не бил наведен во фактурата.
По откривањето на случајот, предметот бил предаден на Одделението за истраги, кое по налог на јавен обвинител спровело предистражни дејствија и претреси на три локации.
Според наодите од истрагата, првоосомничениот, лекар вработен во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, ја нарачал пратката од компанија во Република Кореја и се договорил стоката да биде лажно прикажана како козметички производи со значително пониска вредност.
Второосомничената, медицинска сестра вработена во истиот клинички центар, се согласила да биде наведена како примач на пратката. Според Царинската управа, таа помогнала во реализацијата на увозот со тоа што нарачката пристигнала на нејзино име и адреса, а фактурата била платена од нејзината трансакциска сметка.
Од Царинската управа нагласуваат дека увозот на ботокс подлежи на строги законски процедури и посебни дозволи од надлежните институции. Оттаму предупредуваат дека секој обид за измама или незаконски увоз на вакви производи претставува ризик за јавното здравје и ќе биде најстрого санкциониран.

































