Фото: МИА

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, не се согласува дека предметите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) застаруваат поради долгите судски постапки, а не поради измените на Кривичниот законик, како што деновиве изјави премиерот Димитар Ковачевски. Џолев својот став го изнесе на денешниот брифинг со новинарите, откако деновиве во пракса почнаа да се гледаат импликациите од нив, односно да застаруваат предметите. Не го спомна премиерот, но „тврдењата дека предметите застаруваат поради бавното судство“ ги нарече манипулации.

– Не прозиваат дека причината за застарување на предметите е судството, судот генерално. Значи, ќе направиме една обична анализа на предметите, колку предмети барем еднаш се завршени. Прво, апелираме да се престане да се вперува прстот во судството, бидејќи навистина тоа што некои предметите се застарени причината не е судството. Се манипулира, на некој начин, со јавноста дека судските постапки траат седум, осум или 10 години. Ако се направи анализа за тоа од кога се процесуираат предметите во Кривичниот суд, зборуваме за предметите на СЈО кои почнуваат на буквата ‘Т’, тие започнаа на 1 јануари 2018 година. Сега сме 2023 година октомври месец. Ако се направи обична математика, ќе видите дека воопшто не можеме да правиме муабет за седум, осум или 10 години траење на судски постапки. Туку математиката е пет години и десет месеци, со тоа што ќе повторам дека речиси сите предмети, освен три, се завршени по еднаш, а некои и по два пати. Во таа смисла, навистина апелирам да не се вперува прстот во судството, рече Џолев на брифингот со новинарите.

Тој посочи дека од 21 предмет на СЈО, за 18 барем еднаш била донесена првостепена пресуда, а дел од нив се вратени на повторно одлучување поради одлука на Апелација. Посочи и дека на текот на водењето на предметите влијаела ковид-кризата и ситуацијата со експецијалната обвинителка Катица Јанева, која заврши во притвор, а потоа и во затвор. Друга околност, според Џолев, е тоа што до пред четири години судот немал опрема за аудио и визулено снимање на рочиштата, што е обврска од Законот за кривична постапка. Како друг момент за тоа што добар дел од предметите на СЈО се сè уште активни е и тоа што Апелацискиот суд Скопје не носел мериторни одлуки, туку ги враќал предметите на повторно судење во Кривичен.

Продолжувајќи во однос на измените на Кривичниот законик, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје рече дека „секој нормален човек, ќе дојде до заклучок“ дека главниот проблем за застарување на делата се измените во КЗ.

Според него, единствената придобивка што ќе произлезе од измените на Кривичниот законик, е тоа што ќе се смени „стварната надлежност во постапувањето“.