Вкупно 56,1 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ. Само 27,5 проценти од анкетираните даваат поддршка за уставни измени, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според истражувањето, најголем дел од тие кои што поддржуваат уставни измени се етнички Албанци. Дури 79,3 отсто од етничките Албанци даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот додека дури 72,4 проценти од Македонците се против.
-Поддршка на уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот дава само еден од десет Македонци или 11,2 отсто од анкетираните. Сосема различните ставови на Македонците и етничките Албанци ги комплетира податокот дека само 8,8 проценти од етничките Албанци се против уставни измени. Три четвртини од граѓаните велат дека се доволно информирани за тоа во што се состојат уставните измени и најголемиот дел од нив стравуваат дека тие ќе имаат негативни последици врз земјата, се наведува во истражувањето.
Анкетата покажува дека 75,4 проценти од анкетираните рекле дека знаат во што се состојат уставните измени, наспроти само 17,3 проценти кои рекле дека немаат информации.
60,8 отсто од анкетираните се на ставот дека уставните измени ќе имаат негативни последици за земјава додека 19,1 отсто не очекуваат негативни последици. И за ова прашање прилично спротивставени ставови меѓу Македонците и етничките Албанци.
Додека 71 проценти од Македонците сметаат дека уставните измени би имале негативни последици за земјата, таков став делат само 31 проценти од Албанците кои во мнозинство од 42 проценти сметаат дека нема да има негативни последици.
Ваков став делат само 11,2 отсто Македонци. Мнозинството граѓани не очекуваат ниту нешто позитивно од уставните измени. 54,5 проценти велат дека уставните измени нема да имаат позитивни последици за земјата, додека 28,3 проценти сметаат дека ќе има.
И тука, мнозинството го прават етничките Албанци. Додека 73,2 проценти етнички Албанци сметаат дека уставните измени позитивно ќе се одразат врз Македонија, спротивен став имаат дури 66,6 отсто од Македонците.
Мнозинството граѓани очекуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да остане доследна и да не даде поддршка на уставните измени. Ваков став имаат 42 отсто од анкетираните додека една четвртина или 25 отсто очекуваат најголемата опозициска партија да го смени ставот.
Гледано по етнички групи, 45,7 од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна наспроти 43,3 проценти етнички Албанци кои очекуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти.
Дека опозицијата ќе гласа за уставните измени сметаат само еден на секои пет Македонци или 19,2 проценти додека секој трет Албанец или 33 отсто од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени.
-Мнозинството граѓани не се согласува со уставни измени дури и во ситуација Македонија да добие дополнителни гаранции. 45,3 процети од анкетираните велат дека не би прифатиле промена на уставот и да продолжат преговорите со ЕУ заедно со дополнителни гаранции кои би ги добила Македонија. Поддршка за уставните измени во ваква ситуација даваат 35,7 отсто од анкетираните. И тука, очекувано сосема различни ставови меѓу Македонците и Албанците. 57,9 отсто етнички Македонци се против промена на Уставот дури и во ситуација кога би добиле дополнителни гаранции додека 21,9 отсто велат дека во таков случај би дале поддршка за уставни измени – се вели во истражувањето.
Кај Албанците 78,5 проценти даваат поддршка за уставни измени додека само 7,7 проценти се против. Анализата на возрасната структура на одговорите покажува дека најголеми противници на промена на уставот се повозрасните граѓани додека најмало противење има кај младите.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.