По повод одбележувањето на 13 Ноември- Денот на ослободувањето на Скопје, денеска почит на борците кои ги положија своите животи и ја извојуваа слободата, им оддаде владина делегација составена од министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, министерот за образование и наука, Јетон Шакири и заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, со полагање на цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
Како што соопштија од владината прес-служба, во чест на сите борци кои учествуваа во ослободувањето на Скопје, членовите на владината делегација положиле цвеќе и на Алејата на заслужни граѓани, како и пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред зградата на Владата.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје ја одржа традиционалната средба со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
На средбата градоначалничката Арсовска им се заблагодари за тоа што со жар секогаш говорат и го одржуваат споменот за пожртвуваноста, храброста и одлучноста на борците против фашистичкиот окупатор, кои го ослободија Скопје и Македонија за денешните и идните генерации да живеат во слободна држава.
Посакувајќи им добро здравје, градоначалничката Арсовска додаде дека на овој ден кој е празник на слободно Скопје, треба да се памети херојството и да се чува и развива нашиот град кој е синоним за соживотот и солидарноста.
– Заедништвото ги обединило нашите борци во напорите за ослободување на Скопје, заедништвото ќе ни помогне и во сите идни предизвици, напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
– Денеска кога го одбележуваме 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, се сеќаваме и го празнуваме херојството на борците кои пред 79 години извојуваа победа и испишаа нова историја на ослободеното Скопје. Вечна слава и длабока почит на нашите храбри борци кои по цена на своите животи ја извојуваа слободата во која живееме денес, слободата на градот кој денес е симбол на непокорот и заедништвото на нашите предци – се вели во честитката од Ковачевски до граѓаните по повод 13 Ноември.