Со воена свеченост и во присуство на голем број гости во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево, свечено беше одбележан 18-ти август Денот на армијата на Македонија. По интонирањето на химната на РМ и химната на АРМ на присутните им се обрати заменик командантот на 4-ти пешадиски батаљон мајорот Крсте Илиевски.
-Почитувани старешини,професионални војници и цивилни лица во служба на Армијата на Северна Македонија.Особена чест и задоволство ми претставува да од името на сите припадници на Гарнизонот Кичево и од свое лично име,Ве поздравам и Ви го честитам нашиот заеднички празник 18-ти август-Денот на армијата на РСМ. Овој ден за нас припадниците на армијата е од посебно значење, ден кој ги буди емоциите кај секој искрен и чесен граѓанин на ова македонско парче земја и го тера да се наврати назад во времето на непокорот во врмето на формирањето на македонската државност-истакна заменик командантот Илиевски и ја потенцира хронологијата од времето пред 80 години кога е формиран батаљонот„ Мирче Ацев“.
-Денес се навршуваат 80 години од формирањето на првата регуларна воена единица на Народно ослободителната војска, батаљонот „Мирче Ацев“. Воено-политичката ситуација во втората половина на 1943 година со приливот на нови борци наложува потреба од создавање на поголеми воени формации. За таа цел на Преспанското советување на Централниот комитет на КПМ одржано на 2-август 1943 година покрај разгледувањето на дотогашниот развој на борбата во државата решено е да пристапи кон формирање на поголеми воени формации. Така на 18-ти август 1943 година во месноста Славеј на планината Караорман во славната Дебарца од партизанските одреди„ Даме Груев“ ,„Ѓорче Петров“ и„ Димитар Влахов“ формиран е батаљонот„ Мирче Ацев“, прв батаљон во втората оперативна зона и прва поголема единица од одред-додаде мајорот Илиевски и нагласи дека за време на четиригодишната војна народно ослободителната војска прераснала во респектабилна вооружена сила со околу 76.000 борци организирани во 23 бригади,7 дивизии и 3 корпуси. Од оваа бројка 26.000 го положиле својот живот за слободата на Македонија.