Фото: МИА

Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членки на Европската Унија сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот – порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Тој во своето обраќање денеска за време на потпишувањето на декларација за борба против корупција во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, рече дека не постои борба против корупцијата без полиција, правосудство и обвинителство.

– Она што мене малку ме нервира во сето ова е дека ние самите за себе велиме дека сме шампиони, а всушност не сме. Шмпионите се таму каде што има пари, каде што има моќ и влијание, таму каде што корупцијата се спроведува во форма на закон. Да се земе провизија на Запад е легално, а кај нас е корупција. Жал ми е што и тие не се тука на потпишувањето на декларацијата, бидејќи први треба да ја потпишат – рече Дачиќ.

Според Дачиќ, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.

– Не се тука сите земји од нашиот регион. Мислам дека тие се повеќе во корупција од нас. Ние тука можеме само да дадеме одредена политичка поддршка – додаде Дачиќ.

Според Дачиќ, ниту една земја не може сама. ОБСЕ, како што рече, треба да помогне за државите да ги унапредат своите капацитети – капацитетите за спречување, сузбивање, истрага и гонење на криминал.

– Ние треба да ја одржуваме меѓународната соработа, стручност и најдобрата пракса, што пак подразбира и користење на одредени дигитални алатки, односно предности на новите технолошките феномени – додаде српскиот министер за надворешни работи.

Потребна е мудрост и политичка волја за да ги надминеме предизвиците со кои се соочува ОБСЕ, порача српскиот министер за надворешни работи во обраќањето.

Дачиќ нагласи дека војната во Украина довела до деградација на довербата, а ОБСЕ се соочила со најголемите проблеми досега поради неможноста да се постигне консензус за клучните прашања за нејзиното функционирање.

– Уверен сум ќе направиме исчекор и ќе покажеме дека сме една од ретките мешовити организации, која е способна успешно да се соочи со сите предизвици – рече Дачиќ.

Нагласи дека Србија останува посветена на таа цел и оти ќе остане конструктивен партнер, кој ќе пружа зајакнување на капацитетот на ОБСЕ.

Тој во својот говор се осврна и на Косово, велејќи дека положбата на Србите таму, никогаш не била потешка. Додаде дека тие се соочуваат со различни видови дискриминација и неизвесност,  а како проблеми ги наведе правото на гласање и учеството на парламентарните избори во Србија.

Дачиќ нагласи дека Србија останува посветена на процесот на дијалог за спорот со Приштина, кој се води под покровителство на ЕУ, како и на членството во Унијата, како главен надворешно политички приоритет.

– Во однос на приемот на Косово во ОБСЕ би ве замолил кога говорите за територијалниот интегритет да имате предвид дека тоа е универзален принцип, кој важи за сите – рече Дачиќ, кој додаде дека Југославија била државата со шест федерални единици, а не седум.

Ако веќе го осудувате кршењето на територијалниот интегритет во други земји, рече Дачиќ, бидете искрени и немојте отворено да го легализирате кршењето на територијалниот  интгеритет на Србија на еден ваков собир.

– Што се однесува до Косово, тоа е составен дел на Србија и без договор со Србија не може да се крши меѓународното право. Исклучително го почитувам територијалниот интегритет на Украина и давам се од себе тој да се чува, но немојте да не наведувате на заклучок дека територијалниот интегритет на Србија е помалку важен за Европа и ОБСЕ – додаде Дачиќ.