Охридскиот чинар (Platanus orientalis), симбол на градот, со својата историја и убавина ги привлекува погледите не само на охриѓани, туку и на многубројните посетители. Седумте чинари и кочеџикот се и природна реткост прогласени од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Покрај повеќевековното стебло на плоштадот „Крушевска Република“, кое честопати е зборно место на туристите, заштитени се и чинарите во близина на Здружението на пензионери, во населбите Воска и Кошишта, пред зградата на Црвен Крст, кај Мини маркет и во Влашка Мала, како и единечното стебло Кочеџик во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Изминатото лето пред овие стебла беа поставени информативни табли со основни податоци за староста и називот на заштитените дрвја.
Симболот на градот, сведок на 11-вековните премрежја, чинарот на Малиот плоштад, пред две години беше саниран и ревитализиран под стручен надзор на професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет во Скопје. Стеблото, кое, според преданијата, било засадено од Свети Климент кон крајот на 9-тиот или почетокот на 10-тиот век, по тогашните кажувања било во доста лоша состојба поради староста, но и несоодветна заштита. Сега, дрвото е механички обезбедено со четири потпорни столба, а соодветно е уреден и просторот околу него.
Иако легендата кажува дека чинар на плоштадот е стар 11 века, науката, според Јасминка Момироска советник во секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при општина Охрид, утврдила негова старост од околу 700 години.
– Проценетата старост на чинарот на Плоштад е околу 700 години, оној кај населбата Воска околу 400, кај Кошишта 300 години, во Влашка маала 150 години, а кај Мини маркет 120 години. Чинарите пак пред Црвен крст и пред Здружението на пензионери се стари по еден век. Додека Кочеџикот е засаден 1886 година од Никола Чудов по повод 1000 годишнината од упокојувањето на Свети Методиј – информира за МИА, Момироска.
Грижата за одржување и ревитализација на заштитените чинари и кочеџикот е на Општина Охрид, односно јавното претпријатие „Охридски комуналец”, чии експерти се грижи за нивна заштита.
Обновена заштитната кора на стариот чинар, дрвјата се одржуваат стручно
Шумарскиот инженер и раководител на сектор „Паркови и зеленило“ при „Охридски комуналец“ Трајан Љаткоски информира дека согласно препораките од професорот Ацевски, редовно се става прихрана на чинарите со минерални ѓубрива и прскање со органски инсектициди.
– Направено е и обновување на заштитната кора на стариот чинар, со природна кора од неговата и од други постари чинари, кои имаат подебела кора. Се врши лепење на мрежа со природни лепила (туткал). Редовно се чистат и сувите гранки, се кастрат младите изданци, ја обновуваме крошната, а трипати годишно се врши и прихрана на дрвјата, појасни Љаткоски за МИА.
Екипи на „Охридски комуналец“ работат и на одржување на просторот околу чинарите, чистење од трева и ѓубре.
– Чинарот на Плоштад е во лоша состојба, стар е. Правиме се, но не е во некоја најдобра кондиција. Со мерките што ги преземаме се надеваме дека ќе му го продолжиме векот. Премногу е стар има големи оштетувања, претходно долго време не се водеше грижа за него, не беше соодветно заштитен. Другите чинари се во релативно добра состојба – истакна Љаткоски.
Чинарот на малиот Плоштад најстаро евидентирано дрво во државата
Чинарот на плоштадот „Крушевска Република“, според Климент Наумов, професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и лиценциран туристички водич, е најстаро евидентирано дрво на територија на Македонија. Старо 1.100 години и современик на Свети Климент Охридски.
Зборно место за охриѓани и туристите
Чинарот бил, но и се уште е зборно место за охриѓани и за посетителите. На крајот на 19 век, тука постоело и кафуле каде се служело: кафе, чај, ракија и вино, што придонело да дојде до оштетување на дрвото.
– Чинарот од секогаш бил зборно место каде луѓето се среќавале. Во минатото тука биле поставувани соопштенијата на власта. Доколку властите сакале да соопштат за некаква промена на закон или дополнителни давачки со кои се оптеретувала рајата во Османликсиот период, тоа било соопштувано кај чинарот. Чинарот се користел и за јавна егзикуција, односно за извршување смртна казна, да послужи како пример населението да не покажува непослушност кон системот, раскажа Наумов за МИА.
Забележа дека е видливо оти дрвото е при крај на својот животен век и доколку не се преземе нешто ќе го изгубиме засекогаш.
Староста на дрвото интересна за туристите
Покрај што е зборно место за туристите, приказната за чинарот и неговата старост е интересна за нив.
– На туристите им е интересно, бидејќи кога ќе кажете дека едно дрво, нешто што уште е живо, е старо над 1.000 години, е импозантна карактеристика. За голем дел од нашите клиенти, кои доаѓаат од Западна Европа, па дури и од далеку Источните Азиски региони, е навистина еден голем куриозитет, кога ќе кажеме дека во Охрид постои дрво старо 11 века, истакна Наумов.
Од стариот чинар на плоштадот „Крушевска Република“ до населбата Даљан има уште три чинари, од кои професорот Наумов смета може да произлезе тура која ќе ги спои со други содржини.