Фото: З.А.

Годинава висината на цените на овошјето и зеленчукот на кичевскиот зелен пазар толку пораснаа што ги срушија сите рекорди и се далеку од реалните можности на граѓаните на Кичево. Доматот среде сезона се продава за 80 денари за килограм, а иста е и цената на пиперката, додека ништо повтини не се краставиците.

Граѓаните речиси со празни торби се враќаат дома, соочени со висината на цените несвојствени за летната сезона.

-Ако човек не знае дека е во земјава, кога ќе ги види цените на зелениот пазар ќе помисли дека е негде во странство. Среде лето цените на повеќето производи се како среде зима. И не само што цените се превисоки, туку и квалитетот на земјоделски производи, во повеќето случаи не е задоволителен – вели Томе Велкоски, пензионер.

На висината на цените реагираат многу граѓани.

-За прв пат годинава, среде лето цените на красатавиците, пиперките и на доматите да бидат повеќе од едно евро е како да сме во Скандинавија. Состојбата не е поразлична и со останатите цени на пазарот и сметам дека ова лето имаме реордно високи цени што досега не се памети. Порано на пазарот претежно продаваа непосредните производители, денес речиси нив и воопшто ги нема на пазарот, можеби и тоа е причина плус за се повисоките цени и за помалиот избор на квалитетни производи – вели Драган Тренкоски, редовен посетител на пазарот.

Поранешни земјоделци високите цени ги лоцираат и во големиот пад производство на земјоделски производи од локалните производители.

-Прчината за високите цени на нашиот пазар лежи и во сè помалото производство на градинарски култури од страна на локалните земјоделци, кои се повеќе ја напуштаат оваа гранка и заминуваат во странство или се преориентираат на некоја подоходовна и помалку ризична работа – вели Насер Канзоски, поранеше земјоделец , кој разочаран од состојбите во оваа гранка го напушти земјоделието и се определи за градежништво иако беше рекордер по произведено количество на компир и тикви.