Јавните изјави со кои се навредува или провоцира Македонија се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви, соопшти бугарското Министерството за надворешни работи.
Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на бугарското МНР, Министерството ја потврдува својата категорична позиција оти политичарите и јавните личности од Бугарија и С.Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и во намалувањето на тензиите во јавноста.
– Имајќи ја предвид заедничката историја што ги поврзува двете земји, одбележувањето на заедничките историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Според Министерството, како што јави БТА, во исто време, не помалку опасни за билатералните односи се и апелите на „маргиналните партии во Македонија против бугарските политичари и јавни личности кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Македонија и проектите за зближување на луѓето меѓу двете земји“.
– Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи во интерес на кругови кои не се заинтересирани за европската интеграција на Р.С.Македонија. Добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани – се додава во соопштението на бугарското МНР.
Соопштението на бугарското МНР, следи по реакцијата на нашето МНР во врска со изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание Костадин Костадинов за време на чествувањето на Мара Бунева во саботата во Скопје, со која беше побарано од официјална Софија, да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи.
– Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Република Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави – беше посочено во реакццијата на МНР упатена во неделата.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера коментирајќи ги настапите на Џамбаски и Костадинов оцени дека иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност.
– Токму тоа им е и единствената цел, да провоцираат и да ги поткопуваат напорите на С.Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработка и одржување на позитивен дух во билатералните односи – изјави Ковачевски.
Тој нагласи дека целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку вакви активност и затоа тој нема намера да има ја исполни желбата да бидат сензација и да станат популарни, кога не се популарни ниту во сопствената држава Бугарија.
Според премиерот, нашето Министерството за надворешни работи соодветно реагирало на овие изјави со нота до Софија во која ваквите постапки точно ги адресира како закана по добрососедските односи.