Фото: Макфакс

Академикот Владо Камбовски вели дека Бугарите се веќе внесени во Уставот, како заедница. Тој вели дека тропаме во веќе отворена врата.

– Па ние со тоа, таа иницијатива всушност за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот тропаме на отворена врата, бидејќи тие се внесени во Уставот како заедница затоа што во преамбулата постои генерална клаузула која зборува за други народи, односно заедници. А во посебните одредби што се однесуваат на правата на припадниците на заедницата, постои потполна изедначеност на сите заедници било тие да се признати или не се признати – рече академикот Камбовски.

Тој нагласи дека сега е потребен дијалог, во кој ќе провладеат разумни аргументи.

– Не можеме во периодов да се водиме од страсти или стравувања, околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура во чувствата на луѓето – рече академикот Камбовски, за уставните измени.