Борбата против корупцијата е врвен приоритет на МВР, поради што плански и насочено се интензивираа активностите. Минатата година беа откриени 124 коруптивни кривични дела, а продолжуваме со зголемена динамика во борбата против оваа појава и во 2023, напиша денеска на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој информираше дека минатата година беа откриени 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители – 158 физички и 6 правни лица, со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари.
Како што рече, злоупотребите на службената положба кај кои се присутни коруптивни елементи имаат најголема застапеност.
– 2021 година ја завршивме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари. И оваа година продолжуваме со зголемена динамика во борбата против оваа појава – пишува Спасовски.