Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството соопшти дека се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен законик. Сметаат дека нивнот учество е беспредметно во постапка која, како што наведуваат, суштински го озаконува незаконитото, што е дополнително спротивно на нивната мисија за конструктивно, транспарентно и засновано на докази градење на политики.

– Клучната причина за нашето повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата. Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото. Во ваква ситуација и состојба, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“ – се вели во соопштението од Блупринт групата.

Посочуваат дека овој нивни чекор е поврзан со нивната неодамнешна одлука за повлекување и од работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме, велат од Блупринт групата.

Истакнуваат дека вклученоста на граѓанскиот сектор во процесите на креирање политики е од суштинско значење за владеење на правото, но доколку граѓанскиот сектор е навистина вклучен во преку конструктивно работење.

– Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање на легитимитет на процесите и да служи како „декор“ во рамки на работните групи за измена на закони. Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности – се наведува во соопштението од Блупринт групата за реформи во правосудството.