Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Обезбеден е бесплатен превоз за граѓаните за големиот аеромитинг кој ќе се одржи во сабота, 16 септември на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје, во рамки на одбележувањето на јубилејот – 100 години Македонска авијација.

Граѓаните може да ги користат бесплатните автобуски линии кои тргнуваат наутро, во сабота, од 8.30 часот, од пет локации во Скопје:

1. Автокоманда (кај ЈСП),

2. Транспортен центар,

3. Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек),

4. Бутел (кај Еделпром) и

5. Спортската сала Борис Трајковски.

Автобусите ќе возат во двата правци. Од 8.30 часот до 14 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 часот до 19 часот кон петте локации во Скопје.

На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.

И влезот на аеромитингот е бесплатен. Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот наутро, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција.

На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот – „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана, „Илинденка“ ќе може да ја видат посетителите на овој настан.